Митрополитот Струмички Наум на Неделата на Православието, отслужи Божествена литургија во соборниот храм „Пресвета Богородица Ослободителка“ во грчкиот град Дидимотихо, во сослужение на надлежниот архиереј Дамаскин, митрополит на Дидимотихо, Орестијада и Суфли, објави Твиериопол.мк.
На веб страницата на Митрополијата на Дидимотихо, Орестијада и Суфли, пак, е објавено дека сослужувањето на двајцата архиереи Дамаскин и Наум „е плод на евхаристиската заедница со Охридската архиепископија возобновена во мај 2022 година од страна на Вселенската патријаршија и ја покажува можноста Православието да ги надмине поделбите и расколите и под водство на Светиот Дух да го негува единството на помесните цркви“.
Владиката Наум, претходно на 2 и 3 март, заедно со митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј, беа на поклонение на светињите во Вселенска патријаршија. Митрополитите Наум и Тимотеј беа примени и од вселенскиот патријарх Вартоломеј, а на негова покана, присуствуваа и на првиот официјален прием на новиот Кипарски архиепископ Георгиј. (МИА)