Владата денеска демнатираше дека без оглас и во четири очи набавила вода за пиење за граѓаните во Гостивар од фирмата „Кожувчанка“, нешто за кое беше обвинета од страна на СДСМ.
„Во врска со денешните невистинити тврдења изнесени од Социјалдемократскиот сојуз, Владата најостро ги демантира обидите за манипулирање на јавноста со неточни, комплетно измислени дезинформации. Станува збор за дрски и безобразни лаги. Во отсуство на реални теми и аргументи, СДС повторно се служи со лаги и искривување на фактите, надевајќи се дека ќе ја доведе јавноста во заблуда“, се нагласува во реакцијата.
Владата потенцира дека останува доследна на преземената обврска дека граѓаните на Гостивар ќе добиваат безбедна вода за пиење сè додека стручните лица и надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба.
„Ова ветување целосно се исполнува и нема да биде доведено во прашање“, нагласуваат од Владата.
Во однос на набавката на флаширана вода, појаснува Владата, точно е дека постапката со преговарање ја спровела Службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го добила компанијата „Кожувчанка“.
„Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари. Тоа е возможно затоа што компанијата „Кожувчанка“ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба“, се вели во реакцијата.
Во неа се додава дека фактите се јасни и лесно проверливи, а обидите за нивно искривување нема да ја променат вистината.
„Пред фактите паѓа секоја манипулација. Апелираме, кога на ниту еден начин не помагаат, барем од СДСМ да престанат безобразно да лажат“, додаваат од Владата.
СДСМ претходно преку соопштение истакна дека Владата на Мицкоски преку Службата за општи и заеднички работи склучила договор за набавка на вода за пиење во вредност од 100.000 евра, дека договорот, поради кризата бил склучен со директно договарање, без јавен оглас. Од опозициската партија велат дека според достапните информации, договорот е склучен со „Кожувчанка“, компанија која е сопственост на градоначалникот на Општина Кавадарци, а постапката ја спровел директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
„И додека народот се труеше, Мицкоски и ВМРО-ОКГ имале други приоритети. Бизнис зделка од 100.000 евра за вода во Гостивар без тендер, без јавен оглас. Додека народот се труе, тендер-патриотите тераат бизнис. Никој нема право да си игра со здравјето на граѓаните, а уште помалку да профитира додека народот се труе“, изјави денеска на прес-конференција членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски.





