Вкупно четири неидентификувани летечки објекти собори американската војска во последните денови над Северна Америка, а еден од нив беше соборен над Канада. Најновата објава, од неделата попладне беше за соборено летало над езерото Хурон во близина на границата со Канада кое се движело на 6,1 километри над земјата и можело да го попречи воздушниот сообраќај, јавува Би-Би-Си.

Објектот, кој не се сметаше за воена закана, беше опишан од страна на претставниците на одбраната како беспилотна „осмоаголна структура“ со конци прикачени на него. Соборен е со проектил истрелан од борбен авион Ф-16 во 14:42 часот по локално време (19:42 по Гринич).

Од тој прв инцидент, американските борбени авиони соборија уште три објекти на голема височина за исто толку денови. Претседателот Бајден нареди во петокот да биде соборен објект над северна Алјаска, а во саботата сличен објект беше соборен над Јукон во северозападна Канада.

Другите објекти не личеле на балони

Претходно, на 4 феруари, во САД беше забележан бел кинески балон кој неколку дена лебдеше над копното за да биде соборен  дури кога тој излезе над океанот. Бајден беше остро критикуван што почекал со акцијата. Дали вчерашното соборување беше поврзано со балонот за кој САД тврдат дека е дел од поголема разузнавачка акција на Кина и дека постојат наоди за барем дваесетина балони низ светот?

Официјалните лица јавно не го идентификуваа потеклото или целта на овие предмети. И САД и Канада сè уште работат на враќање на остатоците, но потрагата во Алјаска е отежната од условите на Арктикот.

Но, во неделата, претставник на одбраната рече дека САД комуницирале со Пекинг за првиот објект откако не добиле одговор неколку дена. Не беше веднаш јасно за што се разговараше.

– Овие објекти не личеа многу и беа многу помали од балонот (од 4 февруари) и нема дефинитивно да ги опишуваме додека не ги вратиме остатоците – изјави портпаролот на Белата куќа за национална безбедност.

Не е исклучено ни да се вонземјани

Подоцна во неделата, генералот на американските воздухопловни сили кој го надгледува воздушниот простор на Северна Америка рече дека сè уште не е јасно како предметите се движат низ воздухот или од каде доаѓаат.

Тој исто така рече дека не отфрлил никакво објаснување, па дури и можност за вонземски живот, односно тоа да е буквално НЛО.

– Ќе ѝ дозволам на разузнавачката заедница и на контраразузнавачката заедница да го сфатат тоа – им рече генералот Глен Ван Херк на новинарите на прашањето за можноста.

Еден висок функционер изјави за Еј-Би-Си дека трите најнови објекти што биле соборени најверојатно биле метеоролошки уреди, а не балони за надзор. Ова се совпаѓа со тврдењето на кинеските власти.

Тоа што се случи беше лудо

Спротивно на ова, еден од најмоќните претставници на демократите во Конгресот, Чак Шумер, изјави дека иако се верува дека и другите соборени објекти биле балони, тие биле многу помали од белиот кинески балон.

Повици до Белата куќа да даде повеќе информации за објектите стигнуваат од повеќе страни во САД.

– Ни требаат факти за тоа од каде потекнуваат, која е нивната цел и зошто нивниот број се зголемува – изјави демократката Деби Дингел.

Демократскиот сенатор Џон Тестер, кој ја претставува Монтана, му рече на американскиот партнер на Би-Би-Си:

– Она што се случи во последните две недели… не беше ништо помалку од лудост. И војската треба да има план не само да одредува што е тоа таму надвор, но и да ги утврди опасностите.