Ракометарите на Вардар 1961 одиграа херојски натпревар и беа на само седум секунди до голема победа над Мелсунген, но на крајот мораа да се задоволат со реми од 26-26. „Црвено-црните“ покажаа вистинско вардарово срце пред своите навивачи во СЦ „Јане Сандански“, простувајќи се од елитното натпреварување на достоинствен начин и со крената глава.
Лош старт и фуриозен камбек до полувремето
Избраниците на поранешниот вардаров стратег Роберто Гарсија Парондо подобро го отворија мечот и поведоа со 0-2, а нешто подоцна стигнаа и до предност од 5-8. Сепак, македонскиот претставник не се предаде пред силниот бундеслигаш. Со огромна борбеност во одбраната и голот на Леон Љевар со играч помалку, Вардар израмни на 10-10.
Во финишот на првиот дел, Матео Фадуил блесна со атрактивни погодоци и му го донесе првото водство на домашниот тим (12-11), за на одмор да се замине со заслужена позитива од 14-12.
Драма до последниот свиреж и ВАР одлука во финишот
Второто полувреме донесе израмнета и исцрпувачка битка во која германскиот состав успеа да направи пресврт (15-16), по што следуваше игра гол за гол каде екипите напаѓаа и со двајца пикери. Иако Вардар остана без Виктор Јанковски кој заработи трето исклучување (црвен картон), тимот продолжи да се бори, а публиката ја крена на нозе спектакуларниот „цепелин“ во режија на Жоао Педро и Јака Малус за 24-24.
Вистинската драма се случи во последната минута. На 25 секунди до крајот, Фадуил реализираше пенал за водство од 26-25. Парондо повика тајм-аут, по кој Мелсунген успеа да израмни во последните седум секунди од мечот. Вардар тргна во брза контра за победа, судиите долго ја прегледуваа снимката по еден прекршок врз вардарци, но досудија само деветмерец кој не донесе промена на резултатот.
Фадуил и Валах ги предводеа црвено-црните
Матео Фадуил одигра фантастичен натпревар и беше најефикасен на теренот со седум гола, додека Вукашин Воркапиќ додаде четири. По три погодоци запишаа Митровиќ, Педро и Јанковски. Огромна поддршка стигна и од голот, каде Милош Валах забележа импресивни 14 одбрани.
Со овој бод, Вардар ја завршува групната фаза и својот европски пат го продолжува во ЕХФ Европската лига, каде ќе се пресели и францускиот Нант. Мелсунген и Висла Плоцк како најдобри во групата патуваат во плеј-офот од Лигата на шампионите.





