На споменикот во чест на Горан Стојменовиќ во скопската населба Инџиково, Општина Гази Баба, непознати вандали со спреј го пречкртале неговиот лик и другите делови од споменикот, објави Експрес.

Во доцните вечерни часови на празникот Илинден е вандализиран споменик на специјалец на Министерството за внатрешни работи (МВР) кој загина во пресметката во кумановската „Диво Насеље“ во 2015 година.

Демократската партија на Србите во Македонија бара надлежните органи веднаш да преземат акција за наоѓање на вандалите.

„Најостро го осудуваме сквернавењето на споменикот на нашиот брат Горан Стојменовиќ во скопско Инџиково. Горан херојски загина во борбите со албанските терористи во кумановското Диво Насеље во 2015 година”, наведено е во реакцијата на ДПСМ.

Споменикот е привремено заштитен, со ветување од локалните власти дека истиот ќе биде исчистен.

Од Општина Гази Баба велат дека ќе бидат исчистени и иконите кои се дел од осветениот крст поставен во истиот парк, кои исто така биле исчкртани со спреј.

„Откако во Инџиково со боја беше оштетена бистата на полицаецот Горан Стојменовиќ, загинат во Диво Насеље, таа сега е покриена со црна најлонска кеса. Причина за тоа е бојата да не се суши и истата побрзо да се исчисти“.

Случајот веќе бил пријавен во Министерството за внатрешни работи, а градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, верува во брзо решавање на овој вандализам.

Според него, ваквото оштетување на големиот празник Илинден претставува провокативен чин.

„Исто така, на повеќе локации низ Општина Гази Баба скрвенавени одредени графити и постаменти испишани од одредени навивачки групи. Искрено, посакувам ова да не е провокација. Но, тоа што самиот чин се случи на Илинден и христијанскиот празник Св. Илија, можноста ова да е случаен чин е многу мала“,– Бобан Стефковски, градоначалник на О. Гази Баба.

Стојменовиќ загина на 45 годишна возраст на 10 мај во вооружената престрелка во кумановско Диво Насеље, пред осум години. Заедно со него во престрелката загинаа уште седум припадници на специјалните единици на македонската полиција.