Апелациониот суд од Скопје му ја намали затворската казна од 18 на осум години на возачот Ангелче Николов (28) од Велес, потврди Основниот суд Велес. Николов лани на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега.
Реакции пристигнуваат од сите страни. Актери, професори, адвокати, па и обични граѓани револтот го искажаа на социјалните мрежи.
-Од дом исполнет со смеа, им остави на луѓето дом со плач и доживотна тага, каква правда е ова? Наместо како поука за сите кои возат пребрзо и дивеат по улиците, за сите кои одзеле невин човечки живот, да му се даде максимална казна, тој по неколку години пак ќе биде слободен граѓанин и ќе си продолжи со животот како ништо да не се случило – се дел од бурните реакции на разочараните граѓани, кои прашуваат како судиите ќе спијат мирно по оваа пресуда.
-И пред да се случи трагедијата со Магдалена тој леташе по улиците, беше опоменат од сограѓани многу пати, дека ќе одземе нечиј живот, што ете и се случи. Се однесуваше како никој ништо да не му може.
Уништи едно семејство, поради него го изгубија најмилото, и ова е шокантна одлука, да му се намали казна и пак за неколку години да го гледаме како дивее по улиците –реагираат граѓаните.
Првостепената пресуда беше изречена во Основен суд Велес од петочлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова.
На Николов му се судеше за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“. Телесни повреди доби и мајката на девојчето. Во моментите кога го возел „мерцедесот“ тој имал забрана за управување на возило.
Останува изречената забрана за Николов за управување со моторно возило од „Б категорија“ во траење од 5 години. Сообраќајката се случи на 17 декември лани во 22:17 часот на пешачки премин близу ОУ „Васил Главинов“. По сообраќајката возачот Николов побегна од местото на настанот и 37 часа се криеше во населба Превалец.
Вештачењето покажало дека возачот критичната вечер, во моментот кога се случила несреќата возел под дејство на алкохол и со брзина двојно поголема од дозволената на тоа место. Згора на тоа, сообраќајката се случила на обележан пешачки премин. Николов призна вина за сторената сообраќајка, со смртни последици.
Пресудата е неправедна, немам зборови, катастрофа, рече мајката на 11-годишната Магдалена, Емилија Иванова, која беше смртно прегазена на пешачки премин во Велес во декември минатата година.
„Не сум задоволна, ова не е доволно за возачот да извлече поука и да не го повтори делото. Која поука би можел од ова да ја извлече? Тоа значи дека тој цело време може да го повторува делото затоа што казните ќе му бидат многу мали. Правдината е да си биде осуден како што треба, без притисоци, без врски, казна како што треба да има“, изјави Иванова за „Макфакс“.
Таа додаде и дека е разочарана од судството во земјата.
„Разочарана сум премногу. На сето тоа тој што го има, без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба на пешачки премин, со брзина од 120 км/ч возење, ова е катастрофа. Ние немаме никакво судство, ништо немаме. Но, тоа што јас го кажувам секако ништо не менува“, додава Иванова.
Бура од реакции – Пресудата за убиството на Магдалена ја крена Македонија на нозе
Date: