Името Македонци и во 19 и во 20 век и денес не е со етнографско, туку со географско значење, се вели во уште едно отворено негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик од Бугарија, овојпат од бугарското Здружение на потомците на бегалците и преселените од територијата на Македонија (бугарската дијаспора во САД). Ова здружение се обратило до Конгресот на САД по повод, како што велат, неточности за минатото на географскиот регион Македонија во нацрт-резолуцијата (S.Res.311) поднесена до Конгресот од страна на македонски организации со што се загрозуваат добрите партнерски односи меѓу САД и Бугарија.
По иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Браун, пред Сенатот предложи резолуција со која се планира септември 2023 година да биде прогласен за „Месец на македонско-американското наследство“, да се слават македонскиот јазик, историја и културата на македонските Американци и нивниот неверојатен придонес за САД.
Ова предизвика нервоза меѓу бугарската дијаспора во САД, која прави сè оваа предлог резолуција да не помине во Конгресот.
„Со оглед на изнесените факти, апелираме предлог-резолуцијата да биде отфрлена поради содржаните фалсификати и манипулации, со кои се нанесува навреда на бугарскиот народ и се отвора патот кон дестабилизација на Централниот Балкан. Апелираме меѓународната демократска заедница да ги поддржи демократските средини во Македонија, да се создадат демократски медиуми независни од Белград, во кои ќе може слободно и без предрасуди да се дискутираат прашањата поврзани со минатото, сегашноста и иднината на Скопје, откако ќе се прекинат злобните југословенски тоталитарни практики наследени од минатото и конечно да се постигне национално помирување“, се вели во писмото на бугарското Здружение на потомците на бегалците и преселените од територијата на Македонија испратено до американските сенатори.
Тие, како и актуелното бугарско раководство, продолжуваат со тезите дека „концептот за присуство на етничките Македонци бил развиен во Србија во втората половина на 19 век и имал основна цел да послужи како преодна фаза кон денационализацијата на македонските Бугари и нивното постепено доближување кон Белград.
…До 1944 година, носителите на идејата на македонизмот се ништожно малцинство, главно меѓу комунистичките средини. Од таков карактер се и првите македонистички пројави во САД. Бидејќи македонскиот јазик во тоа време не постоел, нивните документи исто така се напишани на литературен бугарски јазик. Нивната активност е финансирана од советските, бугарските и југословенските комунисти, поради што на 5 декември 1947 година, Министерството за правда на САД објави список со имиња на 90 организации кои американската влада ги смета за антидржавни и нелојални кон идеите на слободата и демократијата. На тој список потпаѓа и Македонско-американскиот народен сојуз и неговото издание весникот ‘Народна волја’, кој е првиот и во тоа време единствен пропагатор на македонизмот… На овој начин од САД се протерани малцината македонисти кои никогаш не пишувале на ‘македонски’, туку на литературен бугарски јазик, поради што немале никаков ‘неверојатен придонес за САД’, туку ја разурнувале американската демократија“, се вели во обраќањето до Конгресот со кое се бара да се отфрли предлог резолуцијата за прогласување на „Месец на македонско-американското наследство“ .
Интересно е и тоа што ова здружение ја напаѓа и идејата за Отворен Балкан.
„Таа перспектива денес се манифестира во целосно налагање на идејата Македонија да биде дел од српскиот проект Отворен Балкан, откако со помош на Кина се гради единствено комуникациска инфраструктура на север кон Србија. Како резултат на сето тоа, денес политичкиот систем во Скопје функционира во услови на зголемена зависност и тотална контрола од Србија.
Тука изнесените факти едвај биле земени предвид кога е поднесена резолуцијата S.Res.311. Сметаме дека тимот на сенаторот Мајк Браун бил доведен во заблуда од т.н. Обединета македонска дијаспора, организација со седиште во Вашингтон, формирана со помош на властите во Скопје, кои одамна настојуваат да го игнорираат придонесот на македонските Бугари, имигрирани во Америка пред Втората светска војна. Тие исто така спаѓаат во групата македоно-американи, но нивниот придонес и на тие родените во Америка нивни потомци, не само што не се зeма предвид, туку се краде со тоа што се прогласува за небугарски“, се вели во писмото на здружението на Бугарите од САД до Конгресот, објавено во „Труд“.
Копретседател на ова здружение е д-р Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН).
Шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел досега неколку пати дала изјава дека знае за резолуцијата на ОМД и дека ќе направат сѐ таа да не биде прифатена. Од македонското МНР засега нема никаква реакција.