По цела година дебата зошто е потребно и зошто не треба Бугарите да влезат во македонскиот Устав, кратко траеше дискусијата за уставните измени на собраниската комисија за уставни прашања. Предлог-амандманите за само два часа со оскудна дискусија го минаа првиот собраниски филтер и само го „запечатија“ впечатокот дека никој нема да се помести од позициите. Власта ќе гласа ЗА, опозицијата е ПРОТИВ. Чудо не се очекува да се случи ни за три недели, кога пратениците треба да гласаат за потребата од отворање на Уставот.
Европските министри, кои последниов месец ги зачестија нивните посети во Македонија, едногласно предупредуваа дека доколку не се усвојат уставните измени пред крајот на годината, постои ризик Македонија да биде раздвоена од Албанија на патот во Европската Унија. И еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, неодмна најави дека скрининг извештајот за Албанија ќе биде претставен наскоро, без да напомни кога да се очекува извештајот за Македонија, што ќе значи раздвојување на двете земји во процесот. Албанија, за разлика од Македонија, необременето ги стартува преговорите. Ние, со услов – да ги внесеме прво Бугарите во Уставот, па потоа да тргнеме понатаму на патот кон ЕУ.
Имено, за да се одржи втората меѓувладина конференција и да почне отворањето на поглавјата, во Собранието треба да се усвојат измени на Уставот, со кои ќе се внесат и Бугарите во него. Освен бугарскиот народ, во предлогот стои, во Преамбулата да бидат внесени и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Премиерот Димитар Ковачевски речиси секојдневно повикува на консензус и на поддршка, и со значително намален оптимизам и натаму го брои целото свое мнозинство во собраниските клупи. Во коалицијата на СДСМ, Ковачевски се потпира на 31 пратеник од СДСМ, 13 на ДУИ, 8 на Алијанса на Албанците, по 2 пратеници од НСДП и ЛДП, 2 пратеници од турските партии, по еден пратеник Народна, ДОМ, српската партија, ДПА, партијата на пензионерите, но и Санела Шкриљај и Скендер Реџепи како независни пратеници. На овие 65 власта ја додава и албанската опозиција и тоа Алтернатива со три пратеници, БЕСА со двајца, и тројката на Изет Меџити, кои иако се противат на владините политики, даваат безусловна поддршка за уставните измени.
Деновиве, преку социјалните мрежи, својата поддршка ја услови пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците. Тој објави дека втората уставна измена што ја предложи власта, во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците, е неуставна.
Опозицијата во македонскиот блок е децидна и покрај засилените напори од меѓународниот фактот – уставни измени нема да има. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уверува дека 39 пратеници од неговата партија нема да се премислат, а на иста линија се и двајца пратеници од редовите на Социјалисти, Гордана Силјановска како независен пратеник, Иван Стоиљковиќ како претставник на Србите и Љупчо Пренџов од ГРОМ. Против се и двајцата пратеници од Левица, како и Павле Трајанов, кој токму поради овие несогласувања излезе од владејачката коалиција.
Потенцираше дека уставните измени нема да поминат, а есенски избори се единствено решение, бидејќи стратегија на власта не се уставните измени туку да го истуркаат мандатот и уште неколку месеци да останат на власт за да поделат уште неколку тендери во четири очи.
Опозицијата останува на ставот дека единствен излез од оваа ситуација се брзи избори.
„Се надевам дека ќе има наесен предвремени парламентарни избори, сепак ние не сме мнозинство во парламентот, уставните измени секако нема да поминат, бидејќи тие ако имаа 80 пратеници, тие и досега ќе ги ставеа уставните измени во парламентот. Нивната цел не е овој процес да го завршат, нивната цел е да го растегнат овој процес, затоа што секој еден ден дополнително надеж, во јавноста, некоја глупава изјава како што беше онаа на Пендаровски, „ако не овој август тогаш следниот септември“, тоа значи уште некој ден повеќе за крадење и тендери во четири очи тоа е нивната стратегија. Не е нивната стратегија дека тие веруваат во некои европски вредности, зошто ако вие верувате во европски вредности, тогаш не може да дејствувате неевропски, и да се занимавате со политички криминал и корупција. Нивната борба не е да поминат уставните измени нивната борба, нивната борба е да помине надежта, дека некогаш ќе има некакви уставни измени за да може да си го истуркаат мандатот до таму некаде пролет, март, април и уште неколку месеци да останат таму каде што се, уште неколку тендери да си поделат во четири очи и тоа нивната политичка филозофија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ставот на опозицијата за власта, пак, е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ прави сè за да ја оддалечи државата од ЕУ. Пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски, на прес-конференција рече дека „секој што сака да ја извади Македонија од европската агенда одработува за туѓи интереси и не им мисли добро на граѓаните“.
„Секој што дејствува против стратешката цел за членство во ЕУ, работи и против македонскиот јазик во ЕУ, работи против повисок економски стандард, пристап до нови фондови и повеќе можности за граѓаните. Мицкоски и ДПМНЕ со своите изјави и постапки го прават токму тоа. Еднаш велат дека се потребни уставни измени, потоа се против, потоа велат дека се на европскиот пат, за веднаш потоа кажат дека имале поинаква агенда од европската агенда, што е стратешка определба на македонското општество“, рече Костовски.
Пратеникот потенцираше дека „уставните измени се последната шанса, Мицкоски и ДПМНЕ да се престројат на страната на интересите на граѓаните и државата и да докажат дека навистина се за членство на државата во ЕУ“.
Целата процедура за измени во Уставот треба да заврши најдоцна за четири месеци, но доколку нема две третини на првото гласање за иницијативата за измени на Уставот, процедурата ќе прекине.