Бред Пит ќе седне во Формула 1 болид, веднаш до Луис Хамилтон и другите врвни формула возачи на почетокот на „Гран при на Велика Британија” во Силверстон овој јули.
Тој успеал да добие специјална дозвола да вози „загревачки круг” со возачите и да снимa за потребите на филмот на кој работи моментално. Тоа е ризичен потег за организаторите, бидејќи без разлика на сите мерки на претпазливост, секогаш има шанси за проблеми, несреќи и штети кои се бројат во милиони, па и во милијарди. Од друга страна, не е чудно што главните луѓе на Ф1 се согласија на овој аранжман со оглед дека се работи за актерот Бред Пит и Хамилтон, седумкратниот шампион во Ф1. Меѓу другото, Хамилтон е еден од извршните продуценти на филмот преку неговата нова продуцентска куќа „Доун Аполо Филмс“.

Во сè уште ненасловениот филм, Пит глуми Формула 1 ветеран кој ја прекинува својата спортска пензија за да биде ментор на млад и талентиран возач. Приказната не изгледа многу иновативно, но се вклучени големи актерски, спортски и продуцентски имиња, па треба да почекаме за оценки и критики. Филмот, за кој упатените тврдат дека ќе биде полн со акција и возбуда гарантирани од Ф1, треба да пристигне во кината во средината на 2024 година.
Актерот е познат како голем љубител на трките со автомобили, а во 2016 година ја имаше честа да го означи почетокот на познатата трка 24 часа Ле Ман во Франција.