Промена на власта во Македонија е многу веројатна, прогнозира во интервју за германското радио Дојчландфунк (интервјуто е објавено на 24 април), шефот на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, Даниел Браун. Причината за тоа е катастрофалната состојба во многу сектори во државата, вели Браун, чија Фондација важи за блиска до конзервативната германската партија ЦДУ, додавајќи дека најважни теми на изборите ќе бидат домашните политички проблеми, а не пристапувањето во ЕУ.

„Темата за корупцијата, лошата состојба на здравствениот систем, аерозагадувањето, животната средина, образованието и економијата. ЕУ не е главна тема“, вели Браун за Дојчландфунк.

Браун прогнозира промена на власта и наведува примери зошто тоа ќе се случи.

„Мислам дека промена на власта е многу веројатна. Промената на власта се должи пред сѐ на тоа што владиниот биланс е катастрофален во многу области. Корупцијата и нефункционалноста на државата може да се видат насекаде. Мене лично како раководител на канцеларијата тоа речиси секојдневно ме погодува, кога се работи за документи и сл. Еве еден пример: со договорот со Грција и промената на името беше предвидено да се издаваат нови документи за идентификација во текот на петгодишниот преоден период. Владата го пропушти рокот. На почетокот на годината милион граѓани беа заглавени дома и во странство бидејќи повеќе немаа валидни патни документи“, вели Браун.

Гаранции за бугарските барања 

Сепак, Браун е оптимист дека промената на власта нема да значи и промена на проевропскиот курс на земјата. 

„Сето тоа се работи кои имаат многу негативно влијание, а доколку дојде до промена на власта, според мене тоа не мора да значи дека земјата повеќе нема да има проевропски курс, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ никогаш не кажаа дека не сакаат уставна промена – и тоа се однесува на бугарското малцинство. Големиот страв – во што ВМРО-ДПМНЕ има голема поддршка и меѓу етничките Македонци – е дека оваа уставна промена, нема да биде последно барање за земјата од Бугарија, и дека пристапниот процес ќе отвори простор за нови барања на повеќе нивоа. ВМРО-ДПМНЕ бара дополнителни гаранции дека ова е навистина последното политичко-идентитетско барање од Бугарија, а тоа е нешто за што има широка поддршка меѓу етничкото македонско население во земјата.” 

Клучни во наредниот период ќе бидат односите со Бугарија и прашањето дали земјата ќе пристапи кон промена на Уставот за вметнување на Бугарите во него. Според Браун, не е исклучено односите меѓу двете земји да ескалираат во негативна насока. Прашан дали доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги распали тензиите со Бугарија, Браун одговара со контрапрашање:

„Што значи да се влошат тензиите? Бугарија релативно јасно стави до знаење што да очекуваме. За жал, има и во Бугарија важни политичари кои зборуваат релативно отворено за тоа, дека ова можеби не е последното барање, и во тој поглед, да, можеби односите ќе продолжат да ескалираат. Но, тоа се должи и на оваа асиметрија на моќта. Македонија е зависна од принципот на едногласност за Бугарија да го укине своето вето и во принцип нема друг излез освен да се надева на добрата волја на Бугарија за да се осигура дека тоа ќе се случи.

Можеби треба повторно треба да се погледне во временската рамка од независноста на земјата досега. Земјата мораше да го смени знамето, мораше да го смени името, сега треба да го смени уставот. Кога се смени името, ЕУ вети дека тоа ќе биде последното барање што треба да се исполни и потоа работите ќе продолжат понатаму. Сега има многу фрустрации и разочарувања. Секоја година Фондацијата Аденауер спроведува анкета за ставовите на луѓето во земјата, про-ЕУ или не. Сега имаме ситуација на една третина одобрување за ЕУ ​​и тоа е факт со кој треба да се работи“, вели во интервјуто за Дојчландфунк, шефот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, Даниел Браун.