Бразилските безбедносни сили ја презедоа контролата врз федералните згради во Бразилија во кои што вчера упаднаа приврзаниците на бившиот лидер Жаир Болсонаро, додека сегашниот претседател Лула да Силва вети дека ќе ги казни сите кои учествувале во нередите.

Илјадници демонстранти го пробија безбедносниот кордон и влегоа и кршеа во Конгресот и врховниот суд, кој потоа го смени гувернерот на Бразилија зашто не реагирал за да го спречи нападот.

„Вакво нешто не е забележано во историјата на земјата. Ова беше дело на вандали и фашисти“, кажа Лула.

Министерот за комуникации Пауло Пимента кажа дека десничарските демонстранти упаднаа и во претседателската палата, од каде што однесле оружје. Полицијата кажа дека околу 200 луѓе се уапсени во врска со насилствата.

Лула, кој во тоа време беше на службено патување во Сао Пауло, се врати во Бразилија, додека Болсонаро се огласи од Флорида, при што го осуди однесувањето на толпата и негираше дека ги охрабрувал демонстрантите.

„Мирни демонстрации во рамките на законот се дел од демократијата и ја осудувам инвазијата на јавните згради што се случи денеска“, напиша Болсонаро на Твитер, кој го напушти Бразил 48 часа пред истекот на неговиот мандат.

Нередите, кои многу потсетуваат на настаните во Вашингтон пред точно две години, следуваат само една недела откако Лула ја презеде функцијата по тесната победа на минатогодишните избори. Приврзаниците на Болсонаро протестираа од неговиот пораз на 30 октомври, што главно се состоеше од блокирање патишта и кампирање пред воени бази, при што некои дури ја повикуваа војската да изведе пуч.