Бостон селтикс се пласираше во полуфиналето од плејофот на источната конференција, откако ноќеска со 128:120 победи на гости кај Атланта. Со овој триуфм, Бостон стигна до 4:2 во победи и си обезбеди битка против Филаделфија 76.

Неизвесен беше дуелот до самиот финиш, а на крајот гостите беа посмирени и попрецизни и не дозволија да има мајсторка во овој двомеч. Бостон почна одлично и поведе со 12:2, но Атланта предводена од Тре Јанг кој во првата четвртина постигна 18 поени, успеа дури и да поведе пред крајот од првиот квартал со 34:33.

Во продолжение од мечот, двете екипи се менуваа во водство, но тоа не беше повеќе од неколку поени, па јасно беше дека ќе има интересна завршница. На три минути пред крајот, Атланта водеше со 113:110, но тогаш Бостон ја направи клучната серија и го даде финалниот удар на противникот. Гостите со низа од 11:0 стигнаа до 121:113 и потоа успеаа да ја сочуваат оваа предност од осум поени до крајот.

Браун со 32 поени и Татум со 30 беа најдобри во победничкиот тим, додека Јанг постигна 30 поени кај Атланта, но тоа не беше доволно да го спаси својот тим од елиминација.