Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен вчера во израелско-американски напад врз Иран, додека регионот запаѓа во хаос, а Техеран возвраќа со ракетни напади врз Израел и земјите од Персискиот Залив.
Иранската револуционерна гарда: Убивме и ранивме 560 американски војници
Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) објави дека извршила напади врз американски и британски цели на море и на копно. Тие тврдат дека погодиле три танкери за нафта и дека убиле или раниле 560 американски војници во нападите врз американските бази во регионот.

Според Гардата, нивните сили гаѓале три танкери за нафта за кои велат дека им припаѓаат на САД и Велика Британија. „Со проектили погодивме три офанзивни танкери за нафта што им припаѓаат на САД и Велика Британија во Заливот и Ормутскиот теснец“, се вели во нивното соопштение.
Покрај поморските напади, ИРГК извести и за напади врз копнени цели. „Ги таргетиравме разни американски бази во регионот, што резултираше со смрт и повреди на 560 американски воени лица“, рекоа тие.
САД: Тројца американски војници убиени, петмина ранети
Тројца американски војници се убиени, а петмина други се тешко ранети во рамките на операцијата „Епски бес“, објави Централната команда на САД (CENTCOM) на социјалната мрежа X.

„Неколку други војници претрпеа полесни повреди од шрапнели и потреси на мозокот и се враќаат на должност. Обемните борбени операции продолжуваат и нашиот одговор е во тек“, се вели во објавата. „Ситуацијата брзо се менува, па од почит кон семејствата, нема да објавуваме дополнителни информации, вклучително и идентитетот на паднатите борци, сè додека не поминат 24 часа откако ќе бидат известени најблиските роднини.“
Сè уште не е познато како загинале војниците.

Трамп: Иран сака да преговара, јас се согласив да разговараме
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека новите лидери на Иран „сакаат да разговараат“ и дека се согласил на преговори. Трамп го изјави ова за новинарот на „Атлантик“ додека американските и израелските напади врз Иран се во тек, објави „Атлантик“.
„Тие сакаат да разговараат, а јас се согласив да разговарам, па затоа ќе разговарам со нив. Требаше да го сторат тоа порано. Требаше да се согласат на нешто што е многу практично и едноставно порано. Чекаа предолго“, рече Трамп. На прашањето на новинарот Мајкл Шерер кога ќе се одржат разговорите, претседателот одби да даде конкретен одговор. „Не можам да ви кажам тоа“, рече тој.
Трамп, исто така, не откри со кои ирански лидери разговарала неговата администрација, истакнувајќи дека некои од претходните соговорници биле убиени.
„Повеќето од тие луѓе ги нема. Некои од луѓето со кои преговаравме ги нема, бидејќи тоа беше голем – тоа беше голем удар“, рече тој. „Требаше да го направат тоа порано, Мајкл. Можеа да склучат договор. Требаше да го направат тоа порано. Играа премногу паметно.“
Оваа изјава доаѓа кратко откако Трамп му кажа на друг новинар дека 48 ирански лидери биле убиени во американските и израелските напади врз Иран.



