Данчо Нивички од Битола преку платформата couchsurfing за 3-4 години бил домаќин на над 200 гости од целиот свет. Го понудил својот дом за странци кои доаѓаат во Македонија, со цел да се дружи, да стекне нови пријатели, но и да ги запознае со убавините на Битола.
Кај него престојувале туристи од Аргентина, Полска, Франција, Канада, Бугарија, Словенија, Хрватска, Германија, Турција, Јапонија, Израел, Кореја, Австралија, Индија. Вели дека има само позитивни искуства и случки кои ќе ги памети цел живот. Гостите ги шетал до Хераклеа, во музејот во градот, по Широк Сокак, на Пелистер и во локалните ресторани.
„Couchsurfing функционира и сум имал гости од целиот свет. Првите ми беа брачен пар од Аргентина. Обично ме одбираа заради рецензиите на тие што престојувале кај мене. Бесплатно е. Им го давам клучот во случај да нема никој дома. Можат да користат сè што имам дома. Обично ги шетам низ Битола, одам со нив автостоп. Интересно е. Нема ниту една лоша случка, сите биле добри. Со едни Полјаци одевме автостоп до Преспа. Со гости од Франција бевме на Пиво фест, со други гости од Франција и Естонија, бевме на езерата на Пелистер“, раскажува Нивички.
Тој вели дека кога почнал да нуди сместување, идејата му била да им помогне на оние кои ќе допатуваат во Македонија. Посетителите го пофалиле дека е одличен готвач кој им подготвувал македонски јадења, срдечен човек со смисла за хумор и го препорачале на останатите.
„Луѓе што размислуваат на иста бранова должина, можат да се најдат. Сум бил и јас кај други. Целта ми беше да помогнам колку што можам на тие што решиле да дојдат кај мене. Нови другарства, нови размислувања, нови погледи на светот. Во еден момент имав луѓе од Полска, Шпанија, Хрватска, Италија и Турција, односно 11 луѓе и беше како во хостел“, вели Нивички.
Тој објаснува дека во странство по неколку часа разговор со Полјаци, сфатил дека тие биле гости во неговиот дом, откако видел фотографии.
„Решив да им помагам и јас на другите, да се запознаам со што повеќе луѓе. Мислам дека многу придонесов да имаат позитивно мислење за Битола. Поинаку е кога имаш локален жител да ти помогне отколку кога си сам, затоа што тогаш го следиш само интернетот“, додава ова момче.
Имало и ситуации каде едни исти туристи во неколку наврати престојувале кај него.
„Ми дојдоа гости Израелец и Јапонка, тие беа пар. Трипати се враќаа кај мене и последниот пат бевме во возот со навивачите Чкембарите и отидовме на натпревар Вардар – Пелистер. Израелецот свиреше на саксафон и во возот беа главна атракција. Свиреше навивачки песни, пеевме сите“, вели Нивички.
Сепак нагласува дека во последно време е отсутен од дома, затоа што заминува на работа во Хрватска, а тоа го спречува да угости нови луѓе во својот дом.
Платформата couchsurfing има над 9.000 регистрирани македонски граѓани кои би примиле странци. Во Србија, Бугарија, Албанија, Грција бројката на потенцијални домаќини е многу поголема.