Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, го повика премиерот Димитар Ковачевски да покаже кој го платил патувањето на неговите деца кои ги поведе додека беше на работни средби во Вашингтон и Њујорк.

– Значи треба да покаже кој го платил патувањето бидејќи вака остава лош впечаток, лоша перцепција се создава дека ако е таткото некој функционер може цела фамилија да оди. Не е единствен случај, за жал таа перцпеција треба да се промени, но тоа ќе се промени со фактичка состојба. Нека оди, нека патува, но нека покаже кој тоа го покрива, рече Ивановска.

ДКСК денеска ќе донесе одлука за тоа дали ќе отворат предмет за овој случај. Тоа ќе се разгледа на Колегиумот и јавноста ќе биде известена.

– Ние одлуките дали отвараме или не предмет ги носиме на колегиум, денеска после овој настан ќе имаме колегиум и ќе ги известиме, посочи Ивановска.

Премиерот Ковачевски веќе изјави дека нема потреба да покаже кој го платил патувањето на неговите деца во САД каде владината делегација беше во работна посета една седмица.Единствено кажа дека трошоците за синот и ќерката не биле на товар на буџетот.

Сите мои патувања кои се службени и на членовите на делегацијата се според, јас тоа го одговори веќе, се спроред процедурите во Владата, меѓутоа патувањата на другите членови на моето семејство за нивни приватни активности се нивна приватна работа и немаат допирна точка со буџетот на државата, рече оретходно Ковачевски.

Одговорил, но не покажува. Како е платено за хотелското сместување на децата, дали тие престојувале во истиот хотел со останатите членови на делегацијата, како е платено за децата за време на прошетките на членовите во Вашингтон и во Њујорк, дали  децата се превезувале со службени возила? Голем број прашања остануваат нејасни иако премиерот тврди дека приватните патувања на децата немаат допирна точка со буџетот на државата.

Од Владата немаше ниту одговор колку членови броела делегацијата и колку чини прекуокеанската работна посета.