Ковачевски со порака, Мицкоски со одговор, што ќе реши лидерската средба која опозицијата однапред ја осудува на неуспех? Откако премиерот фрли ракавица за разговор со главниот опозиционер во државата, Мицкоски вели дека покана не добил, партијата нема да поддржи уставни измени и бара оставка.
Исправени сме пред одлука ЗА Европа или ЗА изолација, а нова преговарачка рамка нема да има, порача Ковачеваски.
– Претходно јас ќе имам состанок и со претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и нивниот тим, на кој што ќе го споделиме планот и со тоа сметам дека кај нас има капацитет за да се донесат вакви одлуки кои што ќе овозможат подобра иднина за нашите граѓани. – изјави Ковачевски.
А Мицкоски повтори дека уставните измени нема да поминат во Собранието. Предложи, на лидерската средба – за која вели дека нема добиено покана, ниту пак знае што ќе биде на дневен ред и кој ќе присуствува, да разговараат на темата, што ќе следува откако процесот за промена на уставот ќе пропаднел.
– Она кое што е значајно да се каже, е што доколку уставните измени, кој што ги предвидува владата на ДУИ поддржана од СДСМ, не поминат. Тоа е многу важно да се каже и треба да видиме каков е планот понатаму, бидејќи ние не можеме да ја заклучиме државата, не можеме да ја заклучиме Македонија и да не знаеме што доколку не успеат. А, се поверојатно е дека тие нема да успеат. – изјави Мицкоски.
Мицкоски не открива каков е планот на ВМРО-ДПМНЕ ако уставните измени не поминат. Од партијата изминатиот период испраќаа пораки дека ќе се обидат да издејствуваат нова, подобра преговарачка рамка на Макеоднија со ЕУ. Сепак, пораките од меѓународните партнери и ЕУ, се дека земјата не треба да гаи такви надежи.
И додека владата го чека предлогот на комисијата за уставни измени, опозицијата одбива да го гласа, од министерството за правда велат дека материјлите се дадени на превод и техничка обработка по што ќе бидат пуштени на владина седница во наредните денови.