За злоупотребата од бугарска страна на семрежната слободна енциклопедија (2)

Македонските национални дејци, како браќата Миладиновци, Григор Прличев и Кирил Пејчиновиќ, но и многу други Македонци значајни за развојот на македонската литература, култура и историја, на англиското издание на Википедија се претставени како Бугари. Иако на сите им е јасно дека содржините на Википедија, која постои веќе 22 години, многу често се необјективни, сепак неспорен е фактот дека тоа е најпребаруваната онлајн енциклопедија на интернет, особено што оваа бесплатна енциклопедија има над 50 милиони статии и во моментов е една од 20-те глобално најпопуларни веб-страници.
Иако поединци се обидуваат да ги исправат таквите неправди на македонското издание на Википедија, сепак тоа е недоволно ако се има предвид малиот досег до корисниците што го зборуваат македонскиот јазик низ светот. Англиската верзија останува најпребарувана и најкористена, а со тоа и невистините од македонската национална историја се шират со молскавична брзина. Фактот дека оваа веб-понуда секој може да ја користи бесплатно и на едноставен начин, бидејќи не е потребно никакво претходно знаење, за жал, за нас не менува многу. Википедија самата себе се нарекува „слободна енциклопедија“, ама изборот само на неколку содржини поврзани со македонската култура покажува колку навистина статиите се слободни, објективни, односно неутрални, со оглед на тоа што теоретски секој може да учествува во нејзиното креирање.
Очигледно е дека станува збор за атака на бугарски компјутерџии на интернет како дел од агендата за безмилосна бугаризација на македонските историски личности што се идентитетски поврзани со македонскиот народ.

Само во воведот за браќата Миладиновци придавката „бугарски“ ја има дури шест пати!

Во текстот посветен на браќата Миладиновци присвојната придавка „бугарски“ само во првиот општ пасус од неколку воведни реченици се употребува дури шест пати! Па, така, се наведува дека браќата Миладиновци се „бугарски поети и фолклористи. Претставници на бугарското национално движење во османлиска Македонија Тие се најпознати по нивната збирка народни песни наречена Бугарски народни песни, за кои се смета дека дале најголем придонес за бугарската литература и генезата на фолклорните студии за време на бугарската национална преродба…“ и текстот продолжува со следното: „Во Северна Македонија браќата Миладиновци се слават како Македонци што ги поставија темелите на македонското национално будење и книжевна традиција. Многу од оригиналните дела на браќата Миладиновци се недостапни за пошироката јавност и таму се објавени само цензурирани верзии, а нивни редактирани копии“.
Во поглавјето насловено „Контроверзии“, пак, се редат уште небулози, како тие дека „браќата Миладиновци биле жестоки поборници на бугарската национална идеја во Македонија и недвосмислено се идентификувале како Бугари, а нивниот јазик и култура како исклучиво бугарски“, дека „Миладинов и другите образовани македонски Словени тогаш всушност биле загрижени дека употребата на ознаката Македонец ќе значи идентификација со грчката нација“, или дека „браќата Миладиновци намерно избегнале да го користат терминот македонски во однос на регионот, тврдејќи дека тој претставува закана за бугарскиот карактер на населението, и наместо тоа го предложиле името Западна Бугарија…“
На Википедија на англиски јазик исто така се наведува: „Во повоена југословенска Македонија, историчарите ги присвоиле браќата Миладиновци како дел од македонската национална преродба и нивните оригинални дела биле скриени од пошироката јавност. За нивните дела се тврдеше дека се македонски и покрај тоа што во своите дела навеле дека се Бугари. Денес во Северна Македонија има училишта што ги носат имињата на браќата Миладиновци, но тамошните ученици немаат пристап до делата на патроните на нивните училишта во оригинал. Сличен случај има и со националниот музеј на Северна Македонија, кој, очигледно, одбива да ги изложи оригиналните дела на двајцата браќа поради бугарските етикети на некои од нив…“

Григор Прличев „бил Бугарин, ама бугарскиот јазик му бил како странски“

Во статијата за Григор Прличев исто така се наведува дека е бугарски писател, учител и преведувач, кој „се преправал дека е Грк, но јавното мислење во Атина го потенцирало неговото негрчко потекло“, а во 1862 година „се вклучил во борбата за самостојна бугарска црква и училишта, иако продолжил да предава грчки“, дека „почнал да го изучува стандардниот бугарски или, како што самиот го нарекол, словенскиот јазик. Од тоа време до неговата смрт Прличев продолжил да пишува само на бугарски јазик…“ Понатаму во статијата сепак се наведува дека „користел специфична мешавина од црковнословенскиот и неговиот роден охридски дијалект. Затоа, тој се смета и за основачка фигура на литературата на подоцнежниот стандардизиран македонски јазик“.
Во делот за неговата идентификација се посочува небулозата дека „на почетокот тој немал добро дефинирано чувство за национална идентификација. Во младоста развил нејасен грчки идентитет, но како возрасен го усвоил бугарскиот национален идентитет. Во последната деценија од својот живот, тој се придржувал до формата на нејасен локален македонски патриотизам, иако продолжил да се идентификува како Бугарин. На овој начин, националниот идентитет на Прличев го користеле македонските историчари за да го докажат постоењето на македонска етничка идентификација кон крајот на 19 век…“
Во поглавјето „Јазик“, пак, се нижат паушални тврдења како следното: „Како дете, Прличев научил да пишува одлично грчки, а подоцна го совладал литературниот грчки подобро од мајчиниот јазик. Меѓутоа, како возрасен, и покрај неговата бугарска самоидентификација, Прличев имал слабо познавање на стандардниот бугарски јазик, кој му изгледал како ’странски јазик’. Почнал да учи да чита и пишува на бугарски дури по враќањето од Атина во 1862 година… Тогашниот литературен бугарски јазик, кој се развиваше, се засноваше на најисточните источни јужнословенски дијалекти, додека неговиот мајчин дијалект припаѓа на западните дијалекти. Тој користел мешавина од црковнословенски и бугарски зборови и форми, како и елементи типични за неговиот роден охридски дијалект, нарекувајќи го заедничкословенски. Тој исто така сакал да го збогати новиот стандарден јазик со елементи преземени од рускиот јазик. Поради тоа, тој бил критикуван за неговиот превод на Хомеровата ’Илијада’. Така, Прличев реагирал против овој критичар, повлекувајќи се во ’алтернативен македонски регионален идентитет, еден вид македонски партикуларизам’. Меѓутоа, кога дошло до тоа да ја напише својата автобиографија, Прличев го користел бугарскиот литературен јазик…“

Кирил Пејчиновиќ – „Бугарин што се смета за етнички Македонец“

За англиската Википедија, пак, Кирил Пејчиновиќ „бил бугарски просветител за употребата на современиот бугарски (наспроти црковнословенскиот) и една од првите фигури на бугарската национална преродба“, а веднаш потоа се наведува дека „тој се смета за етнички Македонец и еден од најраните претставници на современата македонска литература во Северна Македонија. Во октомври 2022 година е прогласен за светец од страна на Македонската православна црква под името Кирил Лешочки“.
За јазикот користен во“Утешение грешним“ се наведува дека е „заеднички бугарски јазик на Долна Мезија, Скопје и Тетово“.


Факти

Браќата Миладиновци

Браќата Миладиновци се основоположници на македонската преродба, поборници за културната слобода на својот народ, за својот мајчин јазик. Тие се родени во Струга, во сиромашно грнчарско семејство. Неизмерни се значењето и улогата на браќата Димитрија и Константин Миладинови во просветно-културната и националната преродба на македонскиот народ. Во изградбата на македонската културна историја браќата Миладиновци, како учители, собирачи на македонските умотворби, поети, публицисти, претставуваат централни личности на македонската преродба.
Браќата Миладиновци живеат и работат во средината на 19 век, период кога во Македонија, која се наоѓа под Отоманската Империја, владее беззаконие, кога населението бега пред зулумот на одметнатите бегови и паши од несигурните села и се населува по градовите. Исто така тоа е период кога, покрај отоманскиот терор, грчките свештеници под закрила на Цариградската патријаршија се обидуваат да извршат денационализација и елинизација на македонскиот народ. Според пишувањето на Р. Жинзифов, во домот на Миладиновци отсекогаш се зборувало на природниот македонски јазик, иако, како што пишува К. Шапкарев, фамилијата на Миладиновци потекнува од битолското село Магарево, од каде што се иселиле и преку струшкото село Мислешово дошле во Струга. Родителите на Димитар и Константин грнчарот, Ристе Миладин и неговата сопруга Султана, имале осум деца, од кои шест сина (Димитрија, Тане, Наум, Мате, Апостол и Константин) и две ќерки (Ана и Крста). Најстар од синовите бил Димитрија, а најмлад Константин.
Димитар Миладинов е роден во 1810 година. Од 1830 година, речиси 30 години Димитар учителствува во многу македонски градови – Струга, Прилеп, Охрид, Кукуш и др. Димитар се преобразува во поборник за словенската преродба, во борец против грчкото влијание во Македонија. Неговата преродбеничка дејност се состои не само во тоа што го исфрлил грчкиот јазик од училиштата и на негово место го вовел македонскиот туку и во напорната собирачка дејност, која ја крунисал со издавањето на „Зборникот на народни умотворби“, објавен во Загреб во 1861 година.
Константин Миладинов е роден во 1830 година. По студиите во Атина, тој заминува во Москва за да студира словенска филологија. Таму, далеку од своите најблиски, потиштен и несреќен, ја напишал најсилната и најубава песна „Т’га за југ“, во која мечтае по својот роден крај. Константин станува основоположник на македонската уметничка поезија. Неговите песни, иако нивниот број не е голем, претставуваат висок уметнички дострел. Дејноста на браќата Миладиновци не била во интерес на поробувачите, па затоа се најдоа во цариградските зандани. Измачени и истоштени, браќата ја споделуваат истата судбина. Умираат во 1862 година. Делото на браќата Миладиновци ќе остане засекогаш вткаено во срцата на секој Македонец. Нивното значење е огромно за македонската литература и историја.

Григор Прличев
Григор Прличев (Охрид, 1830 – Охрид, 1893) е наjголемото име на македонската литература во 19 век. Григор Прличев несомнено е најголемиот поетски талент помеѓу македонските книжевници од овој период. Истовремено тој е типичен пример на македонските интелектуалци од 19 век, кај кого дојдоа до израз главните политички и културни струења и заблуди, настанати врз основа на општествено-економските состојби во Македонија.
Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствувал во Охрид. Откако заработил нешто пари, во 1849 година се запишал како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Но наместо да ги посетува часовите на медицинскиот факултет, опиен од Хомер, најчесто пеел песни и ги закачувал по ѕидните табли во универзитетската аула. Спечалените пари брзо се трошеле и набрзо морал да се врати во Македонија. Во текот на 1850 г. повторно се враќа во Македонија и до 1859 година учителствува на повеќе места (Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид) за да си обезбеди услови за продолжување на студиите. Две мирни години, исполнети со училишна практика и пеење стихови, поминал во убавото струшко село Долна Белица, кое потоа го опишал во „Сердарот“ и во својата „Автобиографија“. Во Битола поминал неколку месеци во барање работа, а во Прилеп учителствувал неколку месеци. Подолго време Прличев учителствувал во Охрид и откако собрал доволно пари се вратил во Атина.
Поетската творба „Сердарот“ (1860) се смета за апсолутен врв на сиот влог што овој творец го дал во уметноста на зборот. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата“ (1884) и словото-есеј „Чувај се себеси“ (1866). Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“. Пишувајќи за него, ќерката на Димитрија Миладинов, Церевна Миладинова, го нарекува Прличев „првовенчан македонски поет“.
Во 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата. Во тоа време, по покана од редакцијата на цариградското бугарско списание „Читалише“, се зафаќа со препев на Хомеровата „Илијада“. За неговиот препев негативно се изразила бугарската критика, која го осудила Прличев дека не го познава бугарскиот јазик. Извесно време се одрекол од преводот на „Илијада“ и започнал обид да создаде вештачки „општословенски“ јазик. На тој јазик ќе ги препее „Сердарот“, „Скендербег“, „Илијада“ и „Одисеја“.

Кирил Пејчиновиќ
Кирил Пејчиновиќ (с. Теарце, Тетовско, 1771 – манастирот Лешок, Тетовско, 1845) е воспитаник на црквата, калуѓер и еден од основоположниците на новата македонска книжевност. Кирил се замонашил во Хилендарскиот манастир. Потоа се вратил во Тетово и дејствувал во Кичевскиот манастир.

Бил игумен на Марковиот манастир крај Скопје (1801 – 1817). Тој го возобновил Лешочкиот манастир и од 1818 до 1830 година бил негов игумен и во него како монах останал до крајот на животот. Тука го отворил ќелијното училиште и направил обид за создавање печатница. Така, манастирот прераснал во просветен и културен центар на Западна Македонија. Тој пишува на народен говорен јазик, а со тоа делата ги прави достапни до македонскиот народ. Книгите на Пејчиновиќ претставуваат вистинско огледало за севкупниот економски и духовен живот на македонското население во првите децении на 19 век. Пејчиновиќ развива силна просветителска работа. Собира стари книги и ракописи, основа школи, ја помага печатницата на Теодосија Синаитски и, на тој начин, го помага просветното издигање на македонскиот народ. Целокупната негова активност преставува обид да го извлече својот народ од заостанатоста и мракот и да го воведе во светот на културните народи. Неговиот епитаф врз надгробната плоча од вечниот дом во манастирскиот двор го означува почетокот на новата македонска поезија во 19 век.
Недостигот од прирачни богослужбени книги за потребите на парохиското свештенство, напишани на мајчин јазик, достапни до народот, а со кои истовремено ќе ги задоволи своите духовни потреби, ќе го натера Пејчиновиќ да ја напише и испечати прочуената книга „Огледало“. Во „Огледало“, во најголем дел Пејчиновиќ ќе посветил на една долга беседа, проповед, што зафаќа повеќе од половина книга. Додека молитвите се дадени на црковнословенски јазик, проповедта Пејчиновиќ ќе ја напише на разбирлив, живописен народен македонски говорен јазик, на тетовскиот говор. Оваа беседа на Пејчиновиќ е еден редок документ што ни ја дава сликата на македонското селанство во почетокот на 19 век; јазикот од оваа беседа е главен елемент што делото на Пејчиновиќ го поставува во историјата на македонската книжевност.