Празнувањето на Илинден годинава, меѓу другото, ќе биде запаметено и по фотографијата на најмладата учесничка на Илинденскиот марш, тринаесетгодишната Андреа Данаиловска, на Мечкин Камен, во Крушево, која ја сними фотографот Бобан Кошинов. Сликата на која Андреа го крена на две нозе својот коњ, на чии гради беше македонското знаме, многу брзо се прошири на социјалните мрежи.
На Илинден бев дел од делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево и на Мечкин Камен. Додека ја чекавме коњаницата да пристигне, можеби тука е најинтересниот момент, сите фотографи и камермани се префрлија од другата страна, а јас останав кај делегациите. Пристигна коњаницата и беше пречекана бурно, во одлична атмосфера. Коњот на Андреа ми го привлече вниманието затоа што на неговите гради беше знамето на Македонија, вели фотографот.
Од секаде добивав честитки и пофалби за фотографијата, но најдоброто нешто во целата ситуација ми е тоа што на тој начин се разбудија многу патриотски чувства кај Македонците и, секако, на најубав начин им оддадовме голема почит на илинденците и на луѓето што биле дел од Илинденското востание. Се надевам дека фотографијата ќе биде споделувана уште многу Илиндени и ќе стане „заштитен знак“ (trademark) на некој начин на овој историски настан, додава тој.
Бев среќен и горд што фотографијата молскавично се ширеше и ја виде цела Македонија!
