Бен Афлек и Мет Дејмон за само шест месеци успеале да ги потрошат сите пари што ги заработија од филмот „Добриот Вил Хантинг“ (Good Will Hunting) за кој тие го напишаа сценариото, а и глумеа во него.

Двајцата другари од детството се прославија во 1997 година кога нивниот филм „Добриот Вил Хантинг“ со Робин Вилијамс во главната улога доби „Оскар“ за најдобро оригинално сценарио.

Амбициозните актери живееле заедно во Лос Анџелес и делеле банкарска сметка, но погрешно управувале со парите. Решиле да изнајмат куќа за забави и си купиле скапи џипови.

Афлек неодамна беше гостин во шоуто на Дру Баримор, каде што објасни како тој и Дејмон успеале да ги потрошат сите пари за толку кратко време.

Откако го продале филмот за 600.000 долари, двајцата другари, кои во тоа време имале заедничка банкарска сметка, парите ги поделиле еднакво.

Афлек бил толку воодушевен од заработените пари што мислел дека никогаш повеќе нема да мора да работи. Најпрвин ги исплатиле своите агенти, платиле данок, а остатокот од парите го потрошиле на забави и скапи автомобили.

„Го продадовме филмот за 600.000 долари, тоа го поделивме, секој по 300.000 долари, а потоа агентите добија 30.000 долари, па ни останаа 270.000 долари. Плативме околу 160.000 долари данок, па ни останаа 110.000 долари. Двајцата си купивме по еден џип ‘чироки’ за 50.000 долари и останаа 50.000 долари“, рече Афлек.

„Се разбира, решивме да изнајмиме куќа за забави за 5.000 долари месечно и банкротираме за шест месеци“, додаде тој.

„Бевме блиски другари и сакавме другиот да успее, па беше јасно дека тоа треба да го направиме заедно“, се сеќава актерот.