Од Националната установа Стоби информираа за најновото археолошко откритие – нов мозаик кој се наѕира во една од просториите и е поставен како централно правоаголно поле.

Археолозите информираат дека со сигурност се знае дека имаме ново откритие во репрезентативниот објект, кое, според првичните наоди, претставува нов, неоткриен бисер на античкиот град кој е културно наследство и локалитет од особено национално значење.

– Ова откритие е резултат на заштитно-археолошките истражувања кои се во функција на конзервација на Теодосијанската палата, за чија конзервација Стоби, во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија, доби грант од прочуената амириканска филантропска организација „Каплан фонд“. Ова се резултати на еднодецениска соработка на Стоби со овие фондации.

Од НУ Стоби информираа дека во рамките на грантот од „Каплан фонд“ во вредност од 300 000 долари за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби, годинава се изработуваше основен конзерваторски проект за архитектурата, како и основен конзерваторски проект за мозаичните подови на овој луксузно декориран резиденцијален објект.

– Проектот претставува еден од првите чекори на имплементација на Мастер-планот за конзервација на Стоби, изработен во периодот меѓу 2019 и 2021, исто така, во соработка со „Балканско наследство“, поддржан од „Ј. М. Каплан фонд“ од САД. Проектот за Теодосијанската палата ќе ги следи насоките од Мастер-планот за конзервација на Стоби. Во него ќе бидат вклучени конзервација и реконзервација на архитектонските остатоци, во соработка со меѓународен тим од експерти предводени од Џон Стјуарт и Греам Абри од Велика Британија“ – рече Спасе Перовски, директор на НУ Стоби.