Арнолд Шварценегер е актер чие име стана синоним за холивудските акциони блокбастери, а филмовите во кои глумеше продолжуваат да влијаат на акционите филмови ширум светот.

Шварценегер неодамна откри кои филмови ја обликувале неговата кариера, а се осврна и на трите омилени акциони филмови, пренесува Far Out Magazine.

Листата актерот ја започна со филмот The Godfather (Кум), во режија на Френсис Форд Копола, за кој рече дека одлично ги комбинира акцијата и раскажувањето приказна.

„The Godfather е несомнено еден од најдобрите филмови во жанрот. А продуцентот на филмот, Ал Руди, е еден од моите добри пријатели. И тој ги има најдобрите приказни од сетот на The Godfather. Навистина прекрасни приказни“, изјави актерот.

Вториот филм кој заврши на листата на актерите е вестерн од Дивиот Запад Westworld од 1973 година, во режија на Мајкл Крајтон.

„Тоа не е многу познат филм, но ми остави огромен впечаток. Тоа е филмот што ме заинтересира да го играм Терминатор. Затоа што Јул Бринер игра робот кој се расипува, и тоа е многу добар филм, со добро сценарио“ откри Шварценегер.

Последен на листата е вестернот Unforgiven од 1992 година. Овој ревизионистички вестерн освои дури 4 Оскари, а Шварценегер посебно го пофали Клинт Иствуд.

„Го идолизирав пред да дојдам во САД. Ги сакав неговите вестерни и внимателно ја следев неговата кариера, а потоа станав пријател со него и сè уште му се восхитувам“, изјави актерот. „Тој е неверојатно талентиран продуцент, режисер, актер, дури и музиката што ја избира за неговите филмови е одлична – мислам, тој е одличен во сè. Тој е многу угледен тип. Прерасна во гениј“.