Архитектонското студио “Wowowa” уреди разигран разнобоен ентериер за апартман во Мелбурн, Австралија. Пространиот сончев апартман со позитивен дух претставува пријатно семејно катче за одмор на сопствениците по динамичниот работен ден во центарот на градот.

Во ентериерот на апартманот „Kooyong“ преовладува вибрантна колоритна атмосфера со карактеристики на гламурот од 80-тите и енергичноста на 70-тите. Архитектонскиот тим што го развил дизајнот во проектот се водел според смелиот изглед на зградата во која е сместен апартманот. Интересната зграда и љубовта на сопствениците кон шаренилото од бои биле пресудни за одлуката на архитектите просторот да биде оплеменет од широка, топла палета бои за мебелот, декорот и за светлечките елементи.

Дневната соба е најенергичниот простор во „Kooyong“. Таа се поврзува со чистобелата кујна со дрвени детали и креира еден заеднички отворен простор, каде владее хармонична и пријатна атмосфера и воедно нуди шанса за лесна комуникација меѓу оној кој готви во моментот со гостите во дневната. Од овој отворен простор се стигнува до работната соба и трпезаријата, кои се одделени со доброприкриена врата на лизгање.