Ангела Николовска e светски наградувана гејмерка(E-атлета) од Битола. На почетокот играв за забава. Кога сфатив дека има девојки кои се натпреваруваат и одат на турнири низ целиот свет, почнав да се конектирам со нив и да се вклопам во тој свет, вели таа.
-Иако си дипломиран инженер за квалитет и безбедност на храна на УКЛО Битола, се посвети на гејмерство и веќе имаш извонредни резултати. Како дојде до тоа професионално да се занимаваш со оваа професија која е сепак новитет дури и во светски рамки?
Николовска: Почнав од играње со другари, учествување на турнири во мојот град до турнири во други држави. Мојата посветеност кон гејмингот и посветеност кон социјалните мрежи и претставувањето во најдобро светло ми ги отвори вратите кон интернационалната сцена.
-Какви беа почетоците со гејмерството за тебе?
Николовска: На почетокот играв за забава, играв мали турнири во мојот град. Кога сфатив дека има девојки кои се натпреваруваат и одат на турнири низ целиот свет, почнав да се конектирам со нив и да се вклопам во тој свет полека. Ми требаа неколку години додека ја добијам првата заработка, и кога сфатив дека ова е она што можам да го работам се додека сум спремна да дадам 100% од себе секој ден и да се посветам целосно, целосниот мој фокус се пренасочи кон еспортот!
-Што значи гејмерството за тебе како начин на живот?
Николовска: Ова ми е пасија уште од 11 години, и никогаш не сум помислила да се откажам. Го работам она што ме исполнува, иако наидувам на луѓе на кои не им е јасно што точно работам и како е можно да заработувам од видео игра.
-Дали денеска во Македонија може да се живее од гејмерство?
Николовска: Да може, но сеуште немаме големи професионални организации кои се македонски, поддржани од македонски спонзори, би сакала да го видам тоа во иднина.
-На колку турнири си учествувала и колку награди имаш добиено?
Николовска: До сега имам учествувано на неколку LAN турнири во Шведска и Данска -Dreamhack Winter TOP 4 – ESU Razer Ladies – со мојот прв професионален тим LGB esports, Copenhagen Games 2017 и 2019, и ONLINE – многу помали турнири, но имам освоено турнир во Valorant со тимот Godsent, прво место на Ladies Valorant Cup, Valorant Balkan League Monthly, прво место и ТОП 7-8 на квалификации за најпрестижниот женски турнир во VALORANT моментално VCT Game Changers EMEA: Series II.
-Велиш дека си посветена на градење на свој бренд кој што ќе биде претпознатлив интернационално. Што очекуваш и какви се резултатите досега?
Николовска: За во иднина имам во план и се надевам да работам со големи светски компании поврзани со гејминг. Мојата цел е да ја преставам Македонија во најдобро светло и да инспирирам други млади таленти од нашата држава.
-Како една компанија може да се промовира со помош на вештините од гејмерството?
Николовска: Моментално социјалните мрежи се најголемата алатка за промовирање на сите компании. Гејмерите(е-атлети) кои имаат изградено свој бренд, стримери, играчи, имаат голем инфлуенс на помладата публика. Затоа е битно и какви спонзорства и партнерства прифаќаат да претставуваат. Гејмерството не е само седење на компјутер цел ден и играње на игри, покрај играњето саати во тој online свет, од лично искуство, се учи јазик, помогнува за развој на брзо мислење, се унапредуваме говорно и се стекнуваат вештини како организациски ако работиме со повеќе играчи така и персонално.Сметам дека гејмерите/еспорт инфлуенсери се иднината во компанииите кои што сакаат да бидат промовирани на начин на кој што јас како гејмер би сакала да биде еден производ/една компанија промовирана и да ми го привлече вниманието.
-Што ќе им препорачаш на сите кои што сакаат да се занимаваат со гејмерство?
Николовска: Патот не е лесен, како и во секое поле во животот мораме да дадеме 100% од себе за да има резултати. Сите оние кои што сакаат да успеат мора да се издржливи! Верувајте во себе!