Американскиот актер Мајло Вентимиља (најпознат по улогата на Џек Пирсон во серијата „Ова сме ние“) и неговата сопруга Јара Маријано останаа без својот дом во Лос Анџелес, кој изгоре до темел за време на разорните пожари. Мајло и бремената Јара беа евакуирани.
Мајло ги сподели своите размислувања за трагедијата во интервју за Си-би-ес.
„Почнуваш да размислуваш за спомените, за разни делови од куќата, а потоа ги гледаш куќите на твоите соседи и срцето ти се крши. Во еден момент сфаќаш дека ова е реално и ова навистина се случува. Гледав на безбедносните камери како пожарот ја голта нашата куќа. Во еден момент ги исклучивме. Каква корист може да има гледањето такви снимки? Некако ја прифативме таа загуба“, рече 47-годишниот актер спротивставувајќи им се на солзите додека зборуваше за пожарот. По евакуацијата, тој се врати таму за да ја види штетата на опожарената куќа.
Додаде дека заедно со сопругата се обиделе да извлечат некои работи од куќата пред да изгори сè, но останале без некои неопходни работи, како бебешкото креветче. Но, најважно му е што тој, неговата бремена сопруга и нивното куче успеале да се спасат.
„Имаме добри пријатели и добри луѓе. Ќе се снајдеме. Најважни ми се сопругата, бебето и кучето“, заклучил актерот.