Ал Пачино (83) ја доби посебната чест да објави кој ја доби наградата за најдобар филм на 96-тото доделување на Оскарите што се одржа синоќа. Но, судејќи по коментарите на социјалните мрежи, легендарниот актер не се прослави во оваа улога. Напротив, наиде на многу критики.

Традиционално, секогаш пред да се објави победникот во категоријата се читаат сите номинирани. Во категоријата за најдобар филм годинава се најдоа „Анатомија на падот“ (Anatomy of a Fall), „Американска фикција“ (American Fiction), „Барби“ (Barbie), „Остатоците“ (The Holdovers), „Убијци на цветната месечина“ (Killers of the Flower Moon), „Маестро“ (Maestro), „Минати животи“ (Past Lives), „Кутри нешта“ (Poor Things), „Зона на интерес“ (The Zone of Interest) и „Опенхајмер“ (Oppenheimer).

Но, наместо да ги прочита сите, Пачино го отвори пликот со победникот и само рече: „Моите очи го гледаат ‘Опенхајмер’“.

Присутните во салата за момент се збуниле, како и гледачите зад малите екрани, по што „Опенхајмер“ прогласен за најдобар филм, а филмската екипа почна да станува и да доаѓа накај сцената.

Категоријата најдобар филм е последната категорија за која беа доделени Оскарите, а поради Пачино преостанатите девет номинирани филмови останаа без последната шанса уште еднаш да го покажат својот труд, додека гледачите и публиката останаа без тензична атмосфера.

Корисниците на социјалните мрежи се исто така лути на Пачино.

„Па, се радував на таа последна тензија!“, „Каков чуден начин да го откриеш победникот. Па што беше ова?!“, напишаа корисниците на Икс, поранешен Твитер.