Катарецот Насер Ал-Атијах по петти пат во кариерата победи на најпрестижниот рели натпревар,  релито Дакар. Тој триумфираше на 45. издание на трката што вчера заврши во Саудиска Арабија. За 52-годишниот возач на Тојота ова е втор последователен успех на маратонското рели, бидејќи на него триумфираше и пред 12 месеци.

Покрај двете победи на Блискиот Исток, Ал-Атијах имаше и три победи на Дакар кога релито се одржа во Јужна Америка. Тој триумфираше во 2011 година во Аргентина и Чиле, во 2015 година во Аргентина, Чиле и Боливија и во 2019 година во Перу.

Катарецот релативно лесно стигна до својот петти успех на Дакар, бидејќи пред крајот на првата недела направи предност од повеќе од еден час пред своите ривали. Втор заврши деветкратниот рели шампион Себастиен Леб, додека третото место му припадна на Бразилецот Лукас Мораеш.