20-годишниот Карлос Алкараз одигра фантастична партија против големиот Новак Ѓоковиќ и го победи во меч со пет сета, 3-2 (1-6, 7-6(6), 6-1, 3-6, 6-4) освојувајќи го својот прв трофеј на Вимблдон, а втор на грен-слем титутлите.

Пред вчерашното финале последен пораз на Новак Ѓоковиќ на Вимблдон беше во 2013 година, но таа неверојатна серија на српскиот тенисер заврши. Карлос Алкараз покажа каков голем талент и заслужено ја оствари оваа историска победа за него.

Новак Ѓоковиќ имаше фантастичен старт на мечот, првиот сет го доби со 6-1 и во тие моменти се чинеше дека нема да му биде тешко да дојде до нов трофеј на Вимблдон, но работите се променија.

Во вториот сет се играше тајбрејк кој го доби Карлос Алкараз со 8-6 и изедначи на 1-1. Следуваше пад на Новак, третиот сет го доби Шпанецот со 6-1 и поведи со 2-1 во сетови.

Новак го крена нивото во четвртиот сет, го доби со 6-3 и израмни на 2-2. Во петтиот решавачки при водство од 1-0 во гејмови, Новак пропушти брејк топка за да поведе со 2-0, тоа беше и клучниот момент, Алкараз го освои тој гејм, а потоа освои и брејк, го задржа до крајот, го доби сетот со 6-4 и дојде до големата победа.