Алкалоид останува на првата позиција на табелата во ракометната Суперлига откако денеска го прегази и актуелниот бранител на шампионската титула Еурофарм Пелистер. Скопјани славеа со 32-25 во доминантен натпревар и во ниту еден момент не го испуштија водството во сите 60 минути.
Алкалоид е сериозен кандидат за шампионската титула во Суперлигата, а тоа го докажа и денеска. По победата над Вардар, момците на Кирил Лазаров вечерва го земаа „скалпот’ и на шампионот.
Уште во воведните минути, домашниот тим поведе со 4-1 и постојано држеше предност. Највисоките +5 во првиот дел, Алкалоид ги имаше во три наврати, а на полувремето резултатот гласеше 16-12.
Во вториот дел не се променија многу работите, скопјани лесно ги решаваа своите напади, а Пелистер се мачеше и во одбрана, но и во напад каде имаше само еден расположен играч, капитенот Филип Кузмановски. Предноста на Алкалоид се зголемуваше од минута во минута, а достигна и до највисоки +8 или 30-22. Конечниот резултат гласеше 32-25.
Мартин Серафимов со осум голови беше најефикасен кај победничкиот тим, додека Кузмановски постигна 12 за битолскиот состав.
Алкалоид е лидер на првенствената табела со осум победи од осум натпревари или максимални 16 бодови, Вардар има два бода помалку, а Еурофарм Пелистер и Охрид го делат 3.место со по 12 бодови со тоа што охриѓани утре го играат својот натпревар од ова коло на домашен терен против Тинекс Пролет.
По денешниот убедлив пораз од Алкалоид, тренерот на Пелистер, Бранислав Ангеловски си поднесе оставка која официјално ја потврди и битолскиот клуб.
Навивачите на битолскиот тим бараа оставка од Ангеловски и ја добија, тој веќе не е тренер на Пелистер.
„Бранислав Ангеловски си поднесе оставка од функцијата прв тренер на Еурофарм Пелистер. Среќно понатаму Бранко, ти благодариме за се!“, информираа од клубот.