ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (МАКЕДОНСКИ)“ ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН– I ДЕЛ
Откако Александар Македонски беше признат за хегемон на Лигата додека е жив, се состана стариот Совет, како што порано беше случај со татко му, и го назначи за генерал со неограничена моќ за напад и одмазда против Персија. Може да се претпостави дека резултатот од Конгресот остави многу поинаков впечаток кај Александар, отколку кај неговиот татко.
За Филип Македонски, замислената борба на одмазда беше единствен изговор и инструмент на политика да ја направи Античка Македонија голема сила. Меѓутоа, Александар Македонски, во кого Аристотел влеа љубов кон античката грчка култура, требаше да ја прими панелинистичката идеја со најголем ентузијазам, a доби и можност да ја пренесе таа култура во Азија. Исто така, тој имаше и личен мотив, а тоа беше примерот на неговите прадедовци, особено на Ахил.
Откако премина во Азија, беше полн со романтични замисли дека тој како втор Ахил ги води античките Грци против варварите. Но, во исто време тој отиде таму и како крал на Античка Македонија, со цел да освои нови територии.
И покрај тоа што не можат да се доловат неговите намери и во која мера се остварија неговите планови во текот на првите години од азискоатичката експедиција, а и колку многу беше преокупиран со панелинизмот, сепак можат да му се припишат два аспекта на неговите цели во однос на војната.
Колку повеќе пасионираниот Александар Македонски копнееше за почетокот на своето војување за одмазда, толку повеќе се гледа дека по враќањето од Коринт, во зимата на 336-335, не беше подготвен да премине во Азија.
Но, претпазливо и со ладен израз, што беше карактеристично за него во врска со стратешките прашања, мислеше дека е неопходно да воспостави добри односи со северните варвари, со цел да ја заштити таа страна на државата пред да тргне на пат.
Најголем проблем за Александар Македонски беа Трибалијанците, тракиско племе, населено меѓу Стара Планина и Дунав, со кои војуваше и Филип Македонски, но не ги покори. Намерата на Александар беше, ако е можно, да се прошири до Дунав, со цел да обезбеди за неговото кралство определена и природна северна граница.
Значи, политичката цел беше таа што го тераше кон север, а не како што се претпоставуваше „незаситната човечка жед за храбри дела”, која во тоа време поскоро би го испратила во Азија.
Во својата прва експедиција Александар Македонски ја покажа решителноста со која секогаш ги подготвуваше воените операции. Тој испрати воени бродови од Византиум преку Црно Mope до Дунав и им нареди да пловат до местото што го определи за таму да се спојат со копнените сили. Доколку ги најдеше бродовите на определеното место, може да се заклучи дека имаше точни информации за територијата на непријателот.
Инаку, во експедицијата на Дунав, како и во наредните операции во 335 година во Илирија и Античка Грција, можат да се согледаат сите одлични елементи на неговата стратегија и тактика, кои го направија најславен командант на сите времиња.
Ова уште повеќе заслужува да се истакне, бидејќи Парменион, доверливиот стар генерал на татко му, кому неоправдано му се припишуваат сите подвизи на Александар Македонски, тогаш беше во Азија и не учествуваше во походот.
Co Александар Македонски не беше ни Антипатер, друг голем генерал на Филип Македонски, кој беше оставен во заднината со дел од војската, за да го одржува редот во кралството и во Елада.
Во пролетта во 335 година Александар Македонски замина од Амфипол. Напредуваше од Стримон долж морскиот брег до Места (Карасу). Следејќи го правецот во внатрешноста, сврте кај Филипопол, место според името на татко му, и втаса до Коча на Стара Планина каде што го најде преминот Шипка, окупиран од независните Тракијци кои ја обезбедија својата положба зад тврдината направена од товарни коли.
Кога пробаа да ја скршат фалангата со тркалање на колите, Александар им нареди на своите луѓе да формираат премини, низ кои ќе поминат колите, а тие да се соберат во збиена формација со штитовите над главите, преку кои ќе поминат колите како преку покриви од штитови без да им нанесат некаква штета.
Во овој момент на опасност, маневрите беа изведувани нечујно и прецизно како на парадно место, така што ниеден војник не беше загубен, а тоа не потсетува на средба со една силна војска што Александар Трети Македонски ја наследи од својот татко.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН