ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (МАКЕДОНСКИ)“ ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН – II ДЕЛ
Александар Македонски ние го гледаме и како економист кој знае што наумил, а тоа беше детално изразено во развојот на трговијата. Тој изгради бројни градови кои можеа и имаа за цел да бидат потпирачи на неговото далечно движење. Неговата прекрасна градба, Александрија во Египет, прво беше планирано да биде пазар.
Дури и многу други градови на Далечниот Исток беа лоцирани на старите трговски патишта со цел да ја развиваат трговијата. Така, некои од нив дури и денес се напредни, како што се Херат, Кандахар и Којенд. Тој отвори нови морски трговски патишта: патувањето на Неарх ги спои новите колонијални територии во Индија со Вавилон.
Непосредно пред смртта, Александар Македонски имаше намера да ги поврзе Вавилон и Египет со експедиција што би патувала по морето околу Арабија. Тој го овозможи пловењето по реката Тигар, а „новата Феникија” беше зацртана на морскиот брег од Персискиот Залив; беа преземени големи пристанишни работи во Патала и Вавилон за развој на пловидбата и трговијата. Сите овие достигања и проекти беа со колосални димензии и покажаа генијалност во работата. Тој имаше намера да тргне по патиштата што ги сметаше дека се вистински за економиката на неговата светска империја.
Тоа покажува, пред се, од колку големо значење беа кованите пари на Александар Македонски за персиското богатство и создавањето на неговата кралска валута за економскиот живот на овие земји.
Тоа значеше сосем нова основа за пуштање на парите во опток. Колку напори вложи да го забрза напредокот на населението и плодородноста на просторот е прикажано во неговите настојувања да ја подобри мрежата на вавилонските канали.
Според неговите планови тој имаше за цел да го исуши Копаиското Езеро во Бојотија, што никогаш не се оствари. Од активностите на Горг во Индија, може да се види дека Александар беше нестрплив за испитување на минералното богатство на новиот свет. Дури и кога беше далеку не ги заборави економските интереси на својот дом.
По освојувањето на Аспасијците северно од Кабул, тој ги собра најдобрите и најголемите стада од говеда и ги испрати во Македонија за да го унапреди домашното одгледување на говеда. Овие се само оскудни и случајни информации кои ни даваат слика колку многустрани биле неговите економски интереси.
Ковани монети од античко време
На крајот треба да се објасни неговата политика за цивилизирање. Така, Александар тргна во поход како вљубеник на античката грчка култура, кој требаше да го отвори Исток за нејзиното влијание. Дали тој остана верен на оваа задача по запознавањето со старите култури на Исток, кои ја импресионираа неговата чувствителна природа? Дали тој се уште беше верен на идејата за спојување на нациите, Koja постојано се засилуваше?
Една работа е непобитна: наспроти целата иранска политика, тој докрај беше вљубеник во античката грчка култура. Учениците од Аристотел никогаш не ја напуштија идејата за патување и за нови откритија, со што и овозможија на античката наука да се запознае со непознатите земји дотогаш.
Од последните години треба да се истакне големото истражување во Индија, експедиционото патување на Неарх и на крајот мисијата на Хераклид на Каспиското Mope. Уште повеќе, напорите што Харпал ги направи за да аклиматизира европски растенија во градините на Вавилон, без сомнение треба да се припишат на иницијативата на Александар Македонски.
Љубовта на Александар Македонски кон античката грчка литература докрај остана непроменета. Тој започна со Хомер, a подоцна бараше од Далечниот Исток да му испратат други дела од литературата, класични и современи.
Тој имаше особено длабоко почитување кон трите големи трагедии, но над се кон Еврипид, кого добро го познаваше и беше во состојба да рецитира негови стихови.
Доколку поетите кои го придружуваа неговиот патувачки двор не беа од прв ранг, тоа не беше грешка на неговиот вкус, туку на ниското ниво на античката поезија во тоа време.
Освен поети, во неговиот камп имаше филозофи и филозофски образовани луѓе од најразлични школи, киници како Онесикрит и Анаксимен, демокританец како Анаксарх и неговиот ученик Пирхо скептикот.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН