Актуелниот светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен победи на трката за Големата награда на Шпанија пред возачите на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел.

Со 40 победа во кариерата, трета во Барселона, го остава Верстапен една победа зад легендарниот Аиртон Сена кој запиша 41 триумф. На таа вечна листа Луис Хамилтон има намногу победи, (103), следуваат Михаел Шумахер (91), Себастијан Фетел (53) и Алан Прост (51).

Холанѓанецот од самиот почеток до крајот на трката беше на првото место во Каталонија и победи на доминантен начин – со предност од над 20 секунди во однос на второпласираниот Хамилтон.

Зад Расел трката ја заврши вториот возач на Рел Бул, Серхио Перез, а по него низ целта поминаа Карлос Саинц, Ленс Строл и Фернандо Алонсо. Шарл Леклер имаше разочарувачка трка и на крајот заврши на 11 позиција.

Во генералниот пласман по седум трки води Верстапен со 170 бодови, втор е Перез со 117 бодови, додека трет е Алонсо со 99 бодови.

Ф1 шампионатот продолжува на 18 јуни со трката за Големата награда на Канада во Монтреал.