Американскиот актер Џереми Ренер им се заблагодари на фановите за поддршката откако беше сериозно повреден во несреќа при чистење снег. Објавувајќи фотографија од своето помодрено лице на Инстаграм, 51-годишниот Ренер само кажа дека сега е премногу збунет за да пишува.

Ѕвездата на бројни филмови на „Марвел“ беше превезена во болница во неделата по несреќата што се случила пред неговиот дом во Рино, Невада. Локалниот шериф изјави дека Ренер бил прегазен од неговиот чистач за снег, кој тежи околу седум тони, трипати повеќе од просечен автомобил. Ренер притоа се здобил со повреди на градниот кош и со ортопедски повреди и неговата состојба и по операциите беше опишана како критична, но стабилна.

„Ви благодарам на сите за убавите зборови. Премногу сум збунет за да пишувам, но ви праќам љубов на сите“, напиша Ренер.

Тој бил повреден кога му помагал на еден сосед да го извлече автомобилот од речиси еден метар свеж снег. Додека разговарале, чистачот за снег почнал да се движи празен.

„Ренер се обидел да се врати на совозачкото место за да го запре чистачот, кога екстремно големото парче опрема го прегазило. Ова е трагична несреќа. Ренер е одличен сосед и секогаш го користи својот чистач за да ги исчисти локалните улици“, изјави шерифот на округот Воши, Дарин Балам.