Агентите на американската Служба за имиграција и царинска контрола ИЦЕ (ICE) ќе помогнат во поддршката на безбедносните операции на САД за време на Зимските олимписки игри во Италија од 6 до 22 февруари, изјави денес портпарол на ИЦЕ, информираше АП.
„За време на Олимписките игри, Одделот за внатрешна безбедност на ИЦЕ ќе ја поддржи службата за дипломатска безбедност на Стејт департментот и земјата домаќин во проценката и ублажувањето на ризикот од транснационални криминални организации“, се вели во соопштението, додавајќи дека сите безбедносни операции ќе бидат под надлежност на италијанските безбедносни служби, објави АНСА.
Објавата доаѓа во услови на широко распространето незадоволство во Соединетите Држави поради насилните и смртоносни дејствија на агентите на ИЦЕ.
Градоначалникот на Милано реагира
Веста за пристигнувањето на агентите на ИЦЕ, првпат објавена во текот на викендот од италијанскиот дневен весник Ил дато кутидано, предизвика остар одговор од градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, чиј град е домаќин на повеќето спортски настани во затворен простор.
„Тие не се добредојдени во Милано. Нивниот пристап не е во согласност со нашиот демократски начин на управување со безбедноста“, изјави Сала за РТЛ.
Информацијата предизвика и мешани реакции од италијанските власти, кои првично се двоумеа да ја потврдат вмешаноста на американската агенција. Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедози, во саботата изјави дека не добил официјална потврда за нивната улога, но додаде дека „не гледа во што би бил проблемот“, објави новинската агенција АНСА.





