Австралискиот Сенат заклучи дека земјата има потреба од итна промена во својот пристап кон регулирањето на тутунските и никотинските производи откако нелегалниот пазар достигна невидени размери.
Во извештајот на Парламентарниот комитет за правни и уставни прашања за кризата со нелегалниот тутун во Австралија, клучните препораки вклучуваат суспензија на понатамошните зголемувања на акцизите за тутунските производи, намалување на постојните акцизи и воведување посебна регулаторна рамка за алтернативи без чад, по моделот на Нов Зеланд.
Препораките доаѓаат во период кога австралиските власти отворено ја признаваат големината на проблемот. Според податоците од Австралискиот завод за статистика, уделот на потрошувачката на никотински производи од нелегални извори, од 12 отсто во 2017 година пораснал на дури 80 отсто во 2025 година. Во исто време, вкупната потрошувачка на никотин се зголемила за речиси 40 отсто и покрај повеќегодишните зголемувања на даноците и рестриктивните мерки.
Извештајот на Сенатот оценува дека само забраните не се доволна мерка за да се потисне црниот пазар. Затоа, се препорачува комбинација од фискални, регулаторни и безбедносни мерки. Покрај намалувањето на акцизниот товар, се предлага да се воспостави диференцирана регулатиа за производите без чад, вклучувајќи ги електронските цигари и други алтернативи, како и зајакнување на граничните контроли, сузбивање на онлајн каналите што дистрибуираат нелегални производи и покоординирана борба против организираниот криминал.
Зошто експлодираше нелегалниот пазар?
Развојот на ситуацијата во последните години покажува зошто прашањето за нелегалната трговија стана политичка тема во Австралија. Цената на легална кутија цигари е меѓу највисоките во светот. Според податоците во извештајот, кутија од 20 цигари во легална продажба чини меѓу 40 и 45 австралиски долари, додека нелегалните цигари може да се набават за само 10 до 20 долари.
Последицата од толку голем ценовен јаз е силно пренасочување на потрошувачите кон нелегални канали. Австралискиот завод за статистика истакнува дека цените на легалните тутунски производи се зголемиле речиси три пати од 2016 година, додека цените на нелегалните производи воглавно останале стабилни. Во исто време, вкупната потрошувачка на никотински производи пораснала, додека домаќинствата трошеле помалку пари за легално купени производи, што укажува на сѐ поголем премин на потрошувачите кон нелегалниот пазар.
Приходите од акцизите на тутунските производи се намалиле од приближно 16 милијарди австралиски долари во фискалната 2019/20 година на околу осум милијарди долари во 2024/25 година. Проценките покажуваат дека до крајот на оваа деценија, тие би можеле да паднат на само две милијарди долари годишно. Комесарот за нелегален тутун и електронски цигари во Австралија проценува дека затајувањето на акцизите поврзано со нелегалниот пазар би можело да достигне дури 11,8 милијарди австралиски долари.
Криминалот презеде дел од пазарот
Сепак, проблемот не е само од фискална природа. Во последниве години, австралиските медиуми интензивно известуваат за насилства поврзани со нелегалната трговија со тутун и никотински производи. Во материјалите доставени до Сенатот, се споменуваат бројни случаи на подметнување пожари, пресметки меѓу криминални групи и заплашување на сопственици на легални продавници. Според достапните податоци, низ цела Австралија се регистрирани околу 300 напади поврзани со нелегалната трговија со тутун.
Затоа, австралискиот пример сè повеќе се набљудува и преку пошироката дискусија за тоа како да се воспостави рамнотежа помеѓу целите на јавното здравје и контролата на пазарот. Една од причините поради кои Сенатот препорача посебна регулаторна рамка за производи без чад е искуството на Нов Зеланд, кое во извештајот се посочува како пример за поинаков пристап.
Во позадина на оваа дискусија е концептот на намалување на штетата од пушењето, според кој на возрасните пушачи, кои инаку не би престанале да пушат, треба да им се овозможи пристап до помалку штетни алтернативи без чад со соодветна регулатива. Застапниците на таквиот пристап сметаат дека рестрикциите што го ограничуваат пристапот до легални алтернативи можат дополнително да го поттикнат развојот на нелегалниот пазар, додека противниците ја нагласуваат потребата од силни мерки за јавното здравје.
Порака до носителите на одлуки
Она за што денес се согласуваат сè поголем број австралиски политичари е дека постојниот модел достигна точка на преиспитување. Интересно е што, покрај препораките на Сенатот, и претставниците на опозициската Коалиција објавија свој извештај во кој исто така предупредуваат на раст на нелегалната трговија и се залагаат за значително намалување на акцизите и воспоставување регулаторна рамка за производите без чад.
За земјите што разгледуваат нови даночни или регулаторни мерки за тутунските и никотинските производи, австралискиот случај може да претставува значајна предупредувачка студија. Клучната порака од извештајот на Сенатот е дека побарувачката за никотин не се намалила и покрај рекордните даноци и ограничувања, туку значителен дел од пазарот се преселил надвор од законските канали. Според авторите на извештајот, предизвикот за носителите на одлуки повеќе не е само како да се ограничи потрошувачката, туку и како потрошувачката да се врати во рамка што овозможува надзор, контрола на квалитетот на производите, наплата на даноци и ефикасна борба против организираниот криминал.





