Австралиската влада денеска соопшти дека ќе предложи нова легислатива за воведување апарати за глуждовите, полициски час и други методи за следење на над 100 странци со криминално досие, кои неодамна беа ослободени од имиграцискиот притвор со судска одлука.

Според одлуката на Високиот суд минатата недела, нелегално е да се држат странци во притвор без однапред да се определи времето што треба да го поминат таму, иако Австралија ја користи оваа практика повеќе од две децении. Споменатата пресуда ја принуди владата да ослободи 83 странски државјани, вклучително и осудени за убиство и сексуални напади, што предизвика остри реакции во јавноста.

Соочени со зголемениот политички притисок, владата на премиерот Ентони Албанезе најави дека ќе му предложи на парламентот закон кој, покрај повисоките казни, ќе и овозможи на извршната власт да постави построги правила за добивање визи. „Ако имав законско овластување да го сторам тоа, ќе ги држев сите овие луѓе во притвор“, им рече на новинарите министерката за внатрешни работи Клер О’Нил, мислејќи на неодамна ослободените имигранти.

Новите правила вклучуваат можност за носење апарати на глуждовите, полициски час и разни други ограничувања, рече министерот. О’Нил предупреди дека прекршувањето на едно од поставените правила може да резултира со затворска казна. „Имаме едноставна порака за оние кои се ослободени од притвор. Ќе им поставиме најстроги можни услови, а доколку не ги почитуваат ќе завршат во затвор“, рече таа.

Тие исто така не можат да бидат вратени во нивните земји на потекло поради страв од прогон или одмазда од тамошните власти. „Со овој закон владата заменува еден вид казни, во форма на неограничен притвор, со друг вид на казна“, рече Санмати Верма од Центарот за човекови права.