Австралија објави дека ќе воведе дополнителни насочени финансиски санкции и забрана за патување на тројца руски функционери поврзани со затворот во кој минатиот месец почина рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Во заедничка изјава, австралискиот вицепремиер, министер за одбрана и вршител на должноста министер за надворешни работи Ричард Марлс (Ричард) и помошник-министерот за надворешни работи Тим Вотс (Ватс) ги обвинија руските власти дека го држеле Навални на температури под нулата.

– Австралија ги смета рускиот претседател Владимир Путин и руската влада за одговорни за третманот и смртта на Навални во затвор – рече Марлс и повика на независна и транспарентна истрага за околностите на смртта на рускиот опозициски лидер.

Во понеделникот Австралија воведе санкции за седум руски функционери поради нивната наводна вмешаност во „малтретирањето“ на Навални. Руската поправна служба соопшти дека Алексеј Навални починал на 16 февруари во затворската колонија каде ја издржувал казната.

Службата навела дека Навални изгубил свест откако прошетал во арктичката автономна област Јамал-Ненет, каде што се наоѓа колонијата. Руските власти извршија неколку инспекции за да ги утврдат фактите околу неговата смрт.

Алексеј Навални беше уапсен во јануари 2021 година, откако беше хоспитализиран во Германија, каде што се лекуваше од труење. Западните земји и самиот Навални ја обвинија Русија за труењето, што Кремљ го негира. Тој беше осуден на 19 години затвор под обвинение за екстремизам и други кривични дела. Тој веќе одлежал 11,5 години поради обвинение за измама.