Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг изјави денеска дека случајот со затворениот основач на Викиликс Џулијан Асанж „се одолговлекува предолго“ и треба да се реши.
Асанж, австралиски државјанин во притвор во Обединетото Кралство, се бори против екстрадиција во Соединетите држави, кои бараат негова екстрадиција по 18 обвиненија поврзани со објавувањето на доверливи американски воени досиеја и дипломатски телеграми во 2010 година.
На прес-конференцијата во Бризбејн по самитот со американскиот министер за надворешни работи Антони Блинкен и министерот за одбрана на САД, Вонг истакна дека Канбера јасно стави до знаење: „Случајот на г-дин Асанж се одолговлекува предолго и нашата желба е да го видиме затворен .“
На заедничката прес-конференција со австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс, американскиот државен секретар Антони Блинкен и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, Вонг рече дека има ограничувања за тоа што може да се направи додека не се завршат правните постапки на Асанж.
„Свесна сум дека г-дин Асанж поднесе барање за обновување на жалбата во Обединетото Кралство. Австралиската влада не е страна во овие правни постапки и не можеме да интервенираме“, рече таа.
Блинкен потврди дека случајот на Асанж бил предмет на билатерални разговори, истакнувајќи дека ги разбира ставовите на Австралијците за чувствителното прашање.
„Г-дин Асанж е обвинет за многу сериозно криминално однесување во Соединетите Американски Држави во врска со неговата наводна улога во едно од најголемите прекршувања на доверливи информации во историјата на нашата земја“, рече Блинкен на прес-конференцијата.
„Дејствата за кои тој е наводно одговорен може да претставуваат многу сериозна штета за нашата национална безбедност“, додаде тој. Австралија ги поддржува напорите за ослободување на Асанж пред можна екстрадиција во САД, рече австралискиот премиер Антони Албанес во мај, додавајќи дека е фрустриран од притворот на Асанж.