Владата на австралискиот главен град Канбера објави дека 69 училишта ќе бидат затворени откако обоениот песок за играње беше повлечен од продажба поради присуство на азбест.
Повлекувањето на производот го извршија „Кмарт“ и „Таргет“, а тестовите на воздухот досега не покажаа присуство на азбест во училиштата, објави Би-Би-Си.
Австралиската министерка за образование, Ивет Бери, изјави дека ризикот е минимален, но владата мора да ја елиминира секоја опасност колку што е можно повеќе.
Нешто повеќе од 20 училишта ќе останат отворени бидејќи имаат малку или воопшто немаат залихи на песок.
Азбестот, некогаш користен во градежништвото, кога ќе се оштети или преработи, ослободува токсични влакна кои можат да останат во белите дробови и да предизвикаат рак со текот на годините.
Увозот и извозот на азбест во Австралија и Нов Зеланд е забранет.





