Австралија на крајот на годинава ќе одржи историски референдум за создавање советодавна група во парламентот што би била составена од претставници на домородните народи, но и со која домородните Австралијци првпат би биле признаени во Уставот на земјата, пишуваат светските медиуми.
Во четвртокот, на 23 март, Австралија направи чекор кон историски референдум со кој Абориџините и Островјаните од Торесовиот теснец ќе ги признае во Уставот и ќе им даде глас за прашањата што влијаат на нивните животи, пишува Ројтерс.
Во емотивно обраќање премиерот Ентони Албаниз го претстави прашањето што Владата сака да го постави на референдумот подоцна оваа година, повикувајќи ги Австралијците да го поддржат, како што рече, одамна задоцнетото гласање.
На Австралијците на референдумот ќе им биде поставено прашањето: „Предлог-закон: да се измени Уставот за да се признаат Првите народи на Австралија со воспоставување глас за Абориџините и Островјаните од Торесовиот теснец. Дали ја одобрувате предложената измена?“.
Со овој амандман на Уставот во парламентот би се создала советодавна комисија за Глас на Абориџините и Островјаните од Торесовиот теснец, кој ќе дава необврзувачки совети за прашања што ги засегнуваат луѓето од Првите народи.
Абориџините, кои сочинуваат околу 3,2 отсто од скоро 26 милиони жители на Австралија, не се споменати во 122-годишниот устав бидејќи биле маргинализирани од британските колонијални владетели. Право на глас немаа сѐ до 1960-тите, а и сè уште се под националниот просек според многу социоекономски мерки.
„Ако не сега, кога?“, праша Албаниз, кој, како што истакнува Ројтерс, вложил значителен политички капитал во референдумот.
Сомнежи и противење од конзервативната опозиција
Референдумот за уставните измени се очекува да се одржи меѓу октомври и декември, наведува Асошиејтед прес.
Анкетите покажуваат дека повеќето Австралијци го поддржуваат концептот на Глас за домородните народи, за кој Албаниз за време на победничкиот говор на изборната ноќ во мај минатата година рече дека ќе биде главен приоритет за неговата централно-левичарска лабуристичка влада.
Сепак, според АП, има длабоки поделби во австралиското општество по ова прашање.
Водачот на опозициската конзервативна Либерална партија, Питер Датон, рече дека неговата партија допрва треба да одлучи дали ќе го поддржи Глас и побара повеќе детали, вклучително и правни совети од владата.
Датон запраша дали Глас ќе им помогне на домородните жени и деца, кои трпат многу повисоки стапки на семејно насилство отколку пошироката заедница. Тој посочи дека Глас може дури и да ги замолчи гласовите на жртвите.
Помалата опозициска Национална партија, која има упориште во руралните области, во ноември рече дека е против Глас, велејќи дека тој ќе ја подели земјата по расни линии.
Австралија е меѓу ретките земји од поранешните британски колонии што никогаш не потпишале договор со домородното население и во Уставот од 1901 година првобитните жители на земјата не се признаени како автохтоно население.
Формирањето на советодавниот Глас првично беше предложено во 2017 година од група застапници за правата на Абориџините и Островјаните од Торесовиот теснец, кои културолошки се разликуваат од Абориџините од австралиското копно.
Адвокатката Меган Дејвис, која ги застапува домородните луѓе, со години се консултираше со локалните заедници за да го развие предлогот Глас. Таа одлуката за референдумското прашање ја нарече историски ден.
„Овој премиер, оваа влада, слушаа со почит, искрено, автентично“, додаде таа.
Албаниз рече дека „според сите мерила, постои јаз меѓу животите на Абориџините и Островјаните од Торесовиот теснец и националниот просек“, посочувајќи на 10-годишната разлика во очекуваниот животен век, двојно поголемата стапка на самоубиства, трагичните нивоа на смртност и болести кај деца, како и непропорционалната застапеност во затворската популација.
Поделби и меѓу домородното население
Уставните референдуми се доста ретки во Австралија и само осум од 44 биле успешни.
За првата промена на уставот на Австралија по речиси 50 години, Албаниз рече дека е „многу едноставна“, но „значајна“, додека за Глас жестоко се дебатира со поддршка и противење низ политичкиот спектар, пренесува Би-би-си.
Во препораката од 2017 година за создавање на Глас, составена од повеќе од 250 домородни лидери, се вели дека многу од проблемите што ги засегнуваат домородните Австралијци произлегуваат од неуспехот да се консултираат домородците при донесувањето решенија.
Од друга страна, критичарите тврдат дека домородните народи веќе се претставени во парламентот – сега има 11 пратеници што ги претставуваат домородните луѓе, што е 4,8 отсто од парламентарниот кворум и нешто повеќе од еден процент од домородното население на Австралија.
Сепак, поддржувачите на Глас истакнуваат дека овие пратеници претставуваат конкретни изборни единици, а не нужно интересите на домородните народи.
Други критичари велат дека Глас би можел да дејствува како трет дом на парламентот и потенцијално да става вето на закони, иако владата го отфрли тоа.
Дури ни кај домородците нема едногласност кога станува збор за Глас, истакнува Би-би-си.
Некои велат дека правнообврзувачкиот договор со домородните луѓе треба да биде приоритет, бидејќи Австралија е една од ретките поранешни британски колонии што немаат таков.
Многу домородни Австралијци нагласуваат дека никогаш не го отстапиле својот суверенитет или земја и стравуваат дека признавањето во Уставот може да доведе до тоа. Други тврдат дека тоа е симболичен гест и дека парите може подобро да се потрошат за поконкретни решенија.
Детали по референдумот
И покрај загриженоста на конзервативните критичари, Албаниз и неговата влада го прифатија советот на својата внатрешна работна група на домородни лидери да се задржи моќта на Глас да ја советува извршната власт, вклучително владата и јавните служби, пишува Гардијан.
Законот ќе биде претставен во парламентот следниот четврток и ќе биде испратен на разгледување до собраниската комисија.
Албаниз, пак, рече дека нема околности во кои неговата влада би се откажала од планот за одржување референдум во последните три месеци од оваа година.
Конкретните детали на Глас, колку членови ќе има и како ќе бидат избрани, ќе се решаваат по референдумот.
Работната група, исто така, објави широк сет принципи за Глас, вклучително и дека членовите ќе бидат избрани од домородните народи на начин што им одговара на локалните заедници, ќе бидат географски и родово репрезентативни и нема да имаат право на вето.