Австралиските власти во актуелните препораки за патување во Македонија предупредуваат на појава на Западнонилска треска и ги советуваат патниците да преземат мерки за заштита од комарци.
На официјалната страница Smartraveller на австралиската влада се наведува дека во Македонија има појава на вирусот Западен Нил. Препораката за Македонија е ажурирана на, 2 септември, а појавата на Западнонилската треска е наведена како една од најновите информации за патниците. За земјава и натаму важи најниското ниво на предупредување, односно препорака да се применуваат вообичаени безбедносни мерки.
Австралиските власти посочуваат дека против Западнонилската треска нема вакцина и препорачуваат користење средства против инсекти, носење долга, широка и светла облека и престој во објекти заштитени од инсекти.
Според последните податоци на македонските здравствени власти, во земјава досега се евидентирани 55 случаи на Западнонилска треска, од кои 53 се лабораториски потврдени, а два сè уште се непотврдени. Во моментов 19 лица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.
Во последната недела се регистрирани пет случаи, од кои три се потврдени, што претставува намалување во однос на претходните недели кога биле евидентирани меѓу девет и 11 случаи неделно.
Западнонилскиот вирус најчесто се пренесува преку каснување од заразени комарци. Од почетокот на годинава во Македонија починаа шест лица кај кои беше потврдена Западнонилска треска.





