Пекинг денеска го осуди воведувањето на задолжително тестирање за ковид за патниците од Кина од страна на десетина земји и предупреди дека може да воведе контрамерки, јавуваат агенциите.

„Некои земји воведоа ограничувања за влез насочени само кон кинеските патници. Ова нема научна основа и некои практики се неприфатливи…Силно се спротивставуваме на обидите за манипулирање со мерките за ковид за политички цели и ќе преземеме реципрочни контрамерки“,

рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

Австралија и Канада оваа недела се приклучија на растечката листа на земји кои бараат од патниците од Кина да се тестираат за ковид-19 пред да се качат на лет додека земјата се бори со појава на коронавирус по ненадејното олеснување на ограничувањата што беа во сила за време на поголемиот дел од пандемијата.

Други земји, меѓу кои САД, Велика Британија, Индија, Јапонија и неколку европски нации, најавија построги мерки за ковид-19 за кинеските патници загрижени од недостатокот на податоци за инфекциите во Кина и стравувањата од можноста за ширење на нови варијанти.

Мароко категорично им забрани на сите патници од Кина да влезат на нејзина територија, без разлика на националноста.

Кина, која во поголемиот дел од пандемијата ги држеше своите граници главно затворени за странски државјани од 2020 година, усвојувајќи стратегија „нулта ковид“ за да го задржи вирусот, нагло ги олесни тие мерки во декември.

Кинеските власти претходно објавија дека од 8 јануари патниците од странство повеќе нема да треба да бидат ставени во карантин по пристигнувањето во Кина, но тестот за корона вирусот не постар од 48 часа пред пристигнувањето на кинеска територија ќе остане во сила.

Оваа одлука се совпаѓа со онаа на кинеските власти по три години повторно да им дозволи на своите државјани да патуваат во странство.

Здравствени претставници на владите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) утре, како што објави шведското претседателство, треба да разговараат за координиран одговор во врска со порастот на инфекциите со ковид-19 во Кина.

Разговорите меѓу земјите членки на ЕУ за порастот на инфекциите со ковид во Кина, како и за третманот на патниците што доаѓаат од оваа земја одржани во декември завршија без одлуки околу ова прашање.

На сличен виртуелен состанок на 29 декември, на кој учествуваа повеќе од 100 претставници на владите на ЕУ, здравствените агенции на ЕУ и Светската здравствена организација (СЗО), Италија ги повика останатите земји од Унијата да го следи нејзиниот пример и да воведат тестови за ковид за патниците што доаѓаат од Кина.

Инаку, ЕУ денеска ја потврди својата подготвеност да ѝ помогне на Кина во справувањето со епидемијата на ковид, вклучително и со обезбедување вакцини.

„Подготвени сме да помогнеме со сè што е потребно“,

рече портпаролот на Европската комисија на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, уште во април минатата година изрази желба ЕУ да му помогне на Пекинг – со специјалисти, знаење и вакцини, рече портпаролот.