Австралиските одбранбени сили признаа дека еден од нивните воени бродови случајно блокирал безжичен интернет и радио услуги во делови од Нов Зеланд, предизвикувајќи привремен прекин на комуникациите, соопшти војската на земјата.
Инцидентот се случил утрово додека бродот „HMAS Canberra“, еден од најголемите бродови на Кралската австралиска морнарица, бил на пат кон Велингтон, пишува Гардијан.
Додека минувал покрај брегот на Нов Зеланд, неговиот навигациски радар ги попречил безжичните и радио сигналите на голема површина што се протегала од Таранаки на Северниот Остров до регионот Марлборо на Јужниот Остров.
Проблемите започнале околу два часот наутро по локално време, кога комерцијалните интернет провајдери и радиостаниците морале да престанат да ги користат фреквенциите.
Според портпаролот на Австралиските одбранбени сили, бродот ги детектирал пречките и веднаш ги променил фреквенциите за да ги елиминира.
Новозеландските одбранбени сили потврдија дека „проблемот е решен“, нагласувајќи дека контактирале со своите австралиски колеги откако бил пријавен инцидентот.
Прекинот влијаел и на локалните радиостаници, вклучувајќи ја и BrianFM, станица од Бленхајм, која била принудена да се префрли на резервен систем за да продолжи со емитувањето.
Инцидентот предизвикал реакции од телекомуникациските компании, вклучувајќи ја и новозеландската „Примо“.
Нивниот директор, Метју Харисон, рече дека „не е секојдневна појава воен брод да ја исклучи својата опрема“, објаснувајќи дека безбедносните системи биле активирани поради пречки предизвикани од радарот.
Во Нов Зеланд, некои радио опсези се користат за „Wi-Fi“ и „Bluetooth“ уреди, па затоа имало пречки во еден од тие опсези.





