Астрономи од австралискиот Меѓународен центар за истражување во радиоастрономијата (ICRAR) ја создадоа најголемата досега составена нискофреквентна радио-слика во боја на Млечниот Пат. Спектакуларната нова фотографија нуди поглед на нашата галаксија од јужната хемисфера, откривајќи ја во широк спектар на бранови должини, односно „боји“ на радио-брановите, претворени во видлива светлина. Истражувањето што го опишува ова достигнување е објавено во списанието Publications of the Astronomical Society of Australia.

Двојно поголема резолуција и чувствителност
Овој уникатен приказ им овозможува на астрономите нови начини за истражување на раѓањето, еволуцијата и смртта на ѕвездите во нашата галаксија. Силвија Мантованини, докторанд на Универзитетот Кертин, кој е дел од ICRAR, посветила 18 месеци и над 40.000 часови работа на суперкомпјутерите во Центарот за суперкомпјутерски истражувања „Пози“ за да ги обработи и состави податоците потребни за создавање на оваа слика.
Податоците потекнуваат од две обемни истражувања спроведени со телескопот Murchison Widefield Array (MWA) во Западна Австралија: GaLactic and Extragalactic All-sky MWA (GLEAM) и GLEAM-X (GLEAM eXtended).

Сликата со многу широк и издолжен формат, која се фокусира на Млечниот Пат, нуди двојно поголема резолуција, десетпати поголема чувствителност и покрива двојно поголема област во споредба со претходната снимка од телескопот GLEAM објавена во 2019 година. Ова значително подобрување овозможува подетално и пообемно проучување на галаксијата, нудејќи им на научниците богатство нови податоци.
„Оваа живописна слика донесува неспоредлива перспектива на нашата галаксија на ниски радио-фреквенции“, изјави Мантованини. Таа додаде дека делото нуди вреден увид во еволуцијата на ѕвездите, вклучувајќи го нивното формирање во различни региони, интеракциите со други небесни објекти и, конечно, нивната „смрт“ преку процесот на супернова.
Остатоци од супернови и пулсари
Истражувањето на Силвија Мантованини е насочено кон остатоците од супернови — облаци од гас и енергија кои остануваат по експлозијата на ѕвезда. Иако досега се откриени стотици такви остатоци, астрономите сомневаат дека постојат уште илјадници кои може да се откријат со нови методи. Оваа слика, на пример, овозможува разликување на гасот што ги опкружува новите ѕвезди од оној што останува по смртта на старите.
„Може јасно да ги идентификувате остатоците од експлодирани ѕвезди, претставени како големи црвени кругови. Помалите сини области укажуваат на ѕвездени јасли каде активно се формираат нови ѕвезди“, објасни Мантованини. Овој метод на анализа може да помогне и во разјаснување на мистериите околу пулсарите, преку мерење на нивната светлина на различни фреквенции во рамки на истражувањето GLEAM-X.
Вонредната професорка Наташа Хурли-Вокер од истиот тим во ICRAR, која е главна истражувачка на проектот GLEAM-X, истакна дека ова претставува голем чекор напред во проучувањето на структурата на Млечниот Пат: „Оваа нискофреквентна слика ни овозможува да откриеме големи астрофизички структури во нашата галаксија кои тешко се снимаат на повисоки фреквенции“, рече таа.
Таа заклучи дека досега не била објавена ниту една нискофреквентна радио-слика на целата јужна галактичка рамнина, што го прави ова достигнување возбудлива пресвртница во астрономијата.
Целата слика во висока резолуција може да ја погледнете на страницата на ICRAR.



