Австралиските кенгури би можеле да умрат во голем број доколку нивната популација која експлодира не се контролира, предупредуваат еколозите кои поддржуваат отстрел на торбарите.
За странците кенгурот е препознатлив симбол на австралиската дивина, но за жителите на тој континент кенгурот предизвикува силна главоболка.
Овие животни се познати по нивниот циклус на раст на популацијата за време на сезоната на дождови, кога полињата и пустините стануваат зелени и кога нивниот број се зголемува за десетици милиони.
Скокачките банди кенгури потоа ги полнат полињата за кратко време, но кога храната ќе ја снема, тие умираат во голем број, објасни екологистката Кетрин Мозеби.
„Во некои области, 80 до 90 отсто од кенгурите умреле за време на сушата“, рече Мозеби.
„Тие умираат од глад, влегуваат во јавни тоалети, јадат тоалетна хартија или едноставно лежат на патот додека нивните младенчиња се обидуваат да се хранат“, додаде таа.
Мозеби верува дека најхуман начин да се спасат кенгурите од нивната судбина е да се пука во нив за да се држи нивниот број под контрола.
Кенгурите во Австралија не се загрозени, што значи дека можат да бидат стрелани во повеќето области, но за тоа е потребна владина дозвола.
По сушата во раните 2000-ти, бројот на кенгури падна на под 30 милиони, но нивниот број брзо може да се врати на 60 милиони.
Активистите за права на животните го осудија комерцијалното убивање како „сурово колење“ и вршат притисок врз компаниите за спортска опрема Најк и Пума постепено да ја укинат употребата на кожа од кенгур во нивните производи.