Пред 98 години во Атина бил испечатен и објавен првиот буквар, наречен „ Абецедар“, наменет за учениците Македонци од Егејска Македонија. Но, тој никогаш не почал да се употребува и покрај налогот од Друштвото на народите, зашто во нивната намера се вмешала политиката на соседите за негирање на нашиот идентитет, кажа професорката по историја , Виолета Ачковска. Потребни се дополнителни истражувања на идентитетот на тројцата автори на „ Абецедарот “ зашто не се знае дала биле Грци, Македонци или Грци кои го зборувале и македонскиот јазик.

Напишан со приспособена латинска азбука на прилепско- битолско- лерински говор со примеси на југозападните наречја и со нагласен фонетски правопис, „Абецедарот“, испечатен во Атина 1925 и наменет за учениците Македонци во Егејска Македонија, никогаш не почнал да се употребува. Ова го кажа историчарката Виолета Ачковска на свечената академија во МАНУ, по повод чествувањето на 98- мата годишнина од печатењето на овој буквар. Според неа, политиката на соседите за негирање на македонскиот идентитет, како денес, така и во минатото, се вмешала во добрите намери на Друштвото на народите од Женева кое и наложило на грчката влада во училиштата да се учи и на македонски јазик.

  • Уште во Друштвото на народите кога се водела дебата околу самиот „ Абецедар“, бугарскиот претставник се расправал со грчкиот претставник Василис Дендрамис дека тој „ Абецедар“, односно тој буквар е неразбирлив за бугарските деца и за Бугарите. Тогаш Дендрамис му одговорил дека се работи за многу различен јазик кој не е ниту бугарски, ниту грчки. И тоа е најважниот елемент околу тој „ Абецедар“, бидејќи никогаш не стапил на сила, рече историчарката Виолета Ачковска.

Зад „ Абецедарот “ стојат тројца автори. Но, потребно е истражување за да се открие нивната етничка припадност зашто дијалетната база врз која го пишувале букварот се совпаѓа со онаа на Мисирков од книгата „ За македонцките работи“, рекоа од Институтот за македонски јазик.

  • Многу малку се знае за тие луѓе, дали се Грци по род или се Македонци, дали се Грци по род билингвални кои го знаеле веројатно и македонскиот јазик. Исто така, едно од прашањата што го поставувам, е дали тие го знаеле делото на Крсте Мисирков од 1903 година, затоа што одбирајќи ја дијалектната база  врз која што е направен „ Абецедарот“, таа всушност се совпаѓа со онаа за која се определил Мисирков , а која не е неговиот роден говор од Ениџе- вардарско, рече Елка Јачева -Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

„ Абецедарот“ не е само прв учебик на македонски јазик, наменет за децата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, потенцира историчарката Нада Јурукова.

  • Тој е прв учебник на македонски јазик во цела Македонија, кажа Јурукова.

Од свеченоста беше ипратен апел за две години кога ќе се одбележува 100 годишнината од печатењето на „ Абецедарот“, да биде издадено критичко издание , поразлично од сите досегашни, зашто тие се главно фототипски.